Ромската заедница предолго е заложник на гласни незнајковци кои, од незнаење и љубомора, секој обид за промена го дочекуваат со напади. Не затоа што имаат аргументи, туку затоа што имаат страв, страв дека ако некој навистина прави нешто, тие ќе станат невидливи. А во ерата на социјалните мрежи, невидливоста е најголемиот пораз.
Овие луѓе не ја познаваат политиката, не ја разбираат институционалната борба и немаат никакво искуство од терен. Но имаат мислење за сè. Од позиција на апсолутно незнаење, тие си земаат право да дискредитираат луѓе, организации и институции што реално работат за ромската култура, ромската едукација, ромското претприемништво и ромската демократска партиципација. Тоа не е критика, тоа е саботажа.
Да бидеме јасни: постојат институции и структури што со години вложуваат напор да изградат ромска културна инфраструктура, образовни програми, економски можности и политичка писменост. Тие не се совршени, но се неопходни. Без нив нема ниту колективна моќ, ниту политичка зрелост, ниту одржлива ромска иднина. Само хаос, а хаосот им одговара токму на незнајковците.
Нивните реакции се предвидливи. Секогаш истите зборови: „сите се исти“, „сè е фарса“, „се продале“. Ниту еден доказ, ниту една алтернатива, ниту еден предлог. Само бучава, создадена за да се остане релевантен на Фејсбук. Незнаењето кај нив не е случајно, тоа е стратегија. Колку помалку знаат, толку повеќе можат да манипулираат со гневот.
Најлицемерно е што токму овие луѓе се кријат зад „ромската кауза“. Во реалноста, тие не ја напаѓаат дискриминаторската држава, нееднаквите политики или економската неправда. Тие ги напаѓаат Ромите што градат институции, знаење, економска сила и демократска свест. Затоа што вистинската борба бара одговорност, а одговорноста не носи лајкови.
Roma News јасно зазема став: ромската еманципација не е импровизација, туку политички процес. Таа бара институции, стратегии, луѓе со капацитет и долгорочна визија. Не може да се гради со статуси, со љубомора и со меѓусебно плукање. Кој не го разбира тоа, свесно или несвесно, работи против интересите на заедницата.
Kритиката е легитимна само кога доаѓа од знаење и одговорност. Сè друго е бучава создадена за да се остане видлив во дигиталниот хаос. А ромската заедница нема повеќе луксуз да биде заложник на туѓи комплекси и празна суета.
Ова не е напад врз различно мислење. Ова е разобличување на оние што од незнаење и љубомора глумат совест, а во суштина се најголемата кочница на напредокот. Ако немаш што да понудиш освен токсичност , барем не се криеј зад „каузата“.
Ромската иднина нема да ја градат најгласните на социјалните мрежи, туку најупорните на терен. Сè друго е шум. И време е да престанеме да се преправаме дека тој шум е глас на промена.

Повеќе артикли
Кога моќта не е понудена, симболите се: Ромско читање на предлогот на Апасиев
Од геополитички шок до внатрешна ерозија: каде завршува Европа кога правилата престануваат да важат
Како заврши 2025 за ромската политика во Западен Балкан, Македонија и Европа?