
Во срцето на Европа, на Балканот што секојдневно се колне во демократија и човекови права, постои една реалност што сите упорно ја игнорираат: да се биде Ром денес значи да се живее со постојан страв, дискриминација и институционално насилство. А најтрагично е што оваа реалност не е резултат на некоја „длабока историја“, туку на актуелна, тивка, но систематска политика на исклучување и молк.
Владите на Балканот – од Скопје, преку Белград, до Софија и Сараево, ја третираат ромската заедница како бројка за статистички извештаи или како политички симбол што се вади од фиока кога треба да се добие некој европски грант. Во пракса, секој обид за „интеграција“ е празна флоскула зад која не стои никаква искрена волја. Ромите се добри само кога треба да бидат изговор за „различност“ или целна група за финансирање. Но кога ќе се спомене полициско насилство, сегрегација во училиштата или нехумани услови за живеење државата исчезнува.
Колку е лицемерно да се зборува за европски вредности, додека деца Роми учат во руинирани училници без елементарни услови? Колку е срамно да се зборува за здравствена еднаквост, додека ромските населби се буквално надвор од здравствениот систем? Колку е понижувачко да се зборува за безбедност, кога секојдневно ромски мажи и жени се изложени на институционално насилство, а почесто од сите други стануваат мета на расистички напади физички, вербални и медиумски?
Да не се лажеме, антиромскиот расизам не е „проблем на народот“, туку политички проблем. Тој е поттикнат, охрабрен и одржуван од државните институции со својата тишина. Кога државата не санкционира дискриминација, таа ја нормализира. Кога не презема ништо, станува соучесник. И токму тука е сржта на проблемот: нема политичка волја да се направи вистинска промена, затоа што дискриминацијата е удобна алатка. Политичарите можат да ги игнорираат ромските заедници без последици тие се речиси невидливи во изборната аритметика.
Ако Ром се тепа од полиција, нема истрага. Ако Ромска маала гори, никој не се прашува како е тоа дозволено. Ако Ромско дете се спречува да се запише во училиште, тоа не е вест. Затоа што не се смета за човек како другите. Тоа е вистината.
Државите на Балканот не се паднати на европскиот испит поради недостаток на реформи. Паднати се затоа што дозволија во 21 век да постои еден народ што се третира како втора класа, и тоа со премолчена согласност на сите нивоа на власт. Ниеден извештај нема да ја поправи таа срамота. Ниеден проект со шарени банери нема да ја избрише таа вина.
Ако ова општества не можат да гарантираат безбедност, пристап до основни права и достоинствен живот за Ромите, тогаш ниту една политичка парола за „европска иднина“ нема значење. И тогаш прашањето не е дали Ромите се безбедни, туку дали ние како општество, сме воопшто човечки.
Повеќе артикли
Каде е Шабан Салиу кога Ромите страдаат?
REF ги зајакнува мрежите на дипломци и педагози во Албанија и Косово
Министерот Панчe Тошковски нема време за ромските прашања