
Вардариште – депонија на отпадот или на совеста?
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, реши да го насочи вниманието кон најсиромашните. Наместо да зборува за институционалниот хаос, за корупцијата што ја гуши државата и за тоа што Македонија сè уште нема сериозна стратегија за управување со отпад, тој со леснотија посочи кон Ромите што живеат на депониите. Како тие да се проблемот.
Но, господине министер, зарем Ромите ја создадоа депонијата Вардариште? Зарем тие имаа моќ со години да ја остават без контрола? Зарем тие го уништија системот за отпад, или тоа го направија вашите политички спонзори и бизнис-партнери?
Да се впери прст кон најмаргинализираните е најлесниот и најкукавичкиот политички потег. Тоа не е политика тоа е расизам облечен во државнички костум. Ромите што живеат на депониите не се таму од каприц, туку затоа што државата им ја затворила секоја врата: домување нема, работа нема, образование нема, здравство нема.
Ајде да ја кажеме вистината: тие луѓе, со својата мака, прават повеќе за екологијата отколку сите институции заедно. Тие секојдневно собираат и селектираат отпад, придонесуваат за рециклирањето и преживуваат од тоа. И за тоа не добиваат признание, туку стигма, дискриминација и јавни обвинувања од министер кој треба да штити, а не да посрамотува.
Но уште поголем срам е молкот на ромските политичари тие коалициони партнери на власта кои седат во удобните фотелји, а се глуви и неми кога нивниот народ е посочен и понижен. Тие што треба први да ја кренат раката и гласот, избираат тишина. А тишината е соучесништво. Вашето молчење е потежок удар од секој збор на министерот.
Господине Тошковски, кога покажувате со прст кон сиромаштијата, запомнете дека трите останати прсти се вперени кон вас. Вашите изјави не се решенија тие се симптом на бездушност. Наместо одговорност, нудите префрлање вина.
Затоа вистинските прашања денес се овие:
Кога државата конечно ќе понуди кров над глава наместо шатори?
Кога ќе понуди работа наместо собирање отпад?
Кога ќе понуди иднина наместо стигма?
Додека министри како вас ги прават жртвите виновници, а ромските коалициони партнери молчат заради фотелјите, Вардариште нема да остане само депонија на отпадот. Тоа ќе остане депонија на државната совест и доказ дека Македонија избира да живее во срам, наместо во правда.
Повеќе артикли
Каде е Шабан Салиу кога Ромите страдаат?
REF ги зајакнува мрежите на дипломци и педагози во Албанија и Косово
Министерот Панчe Тошковски нема време за ромските прашања