octobre 12, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

Министерот Панчe Тошковски нема време за ромските прашања

Поканата за гостување во онлајн емисијата на Roma News Media Network Paris, упатена до министерот за внатрешни работи Панчe Тошковски, остана без позитивен одговор. Од Министерството за внатрешни работи информираа дека, поради веќе договорени работни активности, министерот не е во можност да учествува во емисијата.

Во одговорот, испратен до нашата редакција , од МВР наведуваат дека „поради веќе договорени работни активности, министерот Панчe Тошковски не е во можност да гостува во вашата почитувана емисија“.

На поканата следуваше реакција од нашата редакција, кој побара од Министерството да предложи нов термин, потенцирајќи дека „се работи за важни теми на кои ромската заедница заслужува одговори“.

Емисијата била планирана да отвори прашања поврзани со односот на институциите кон ромската заедница, случајот во Виница, депонијата Вардариште, проблемите со личните документи, полициските постапки и пристапот до правда. Теми кои се особено чувствителни за Ромската заедница.

Иако одговорот на МВР е формално коректен, ваквите ситуации ја отвораат пошироката дилема за приоритетите на институциите кога станува збор за комуникацијата со медиумите што ги застапуваат малцинските заедници. Во последните години, домашните и меѓународните организации повеќепати укажуваат на потребата од посистемска и транспарентна соработка со ромските медиуми, како дел од напорите за поголема инклузивност и доверба во институциите.

Од Roma News Media Network остануваме отворени за нов термин и очекуваме Министерството да најде време за разговор околу прашањата кои, « се од витално значење за една рамноправна и демократска држава“.