
Прво делење на картите
Пред локалните избори станува сè поочигледно дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја применува старата матрица на поделба за да извлече максимален профит. Овој пат на масата за бриџ ги остави ромските коалициони партнери, не за да бидат рамноправни играчи, туку за да се борат меѓусебно, додека тој ја собира добивката.
Наместо сојуз – поделба
Наместо да ја искористи шансата за консолидација и сериозно застапување на ромската заедница, Мицкоски свесно го раздробува нивниот електорат. Секоја ромска партија сега трча сама, во битка каде што најголемиот губитник не е конкретен политички лидер, туку самите гласачи. Така, ромската политичка сцена се претвора во арена на меѓусебни судири, а ВМРО-ДПМНЕ мирно профитира од нивната слабост.
Мали улови, големи загуби
Оваа тактика е опасна од повеќе аспекти. Прво, таа целосно ја одзема можноста ромските партии да се позиционираат како сериозен политички фактор. Наместо да настапуваат со заедничка агенда и да бараат конкретни политики за вработување, образование и подобра инфраструктура, тие се сведуваат на мали играчи кои се борат за ситни концесии. Второ, со ваквата стратегија Мицкоски ја продолжува истата пракса на политичка манипулација – користење на ромските гласови како алатка за уценување и калкулација, без никаква визија за долгорочни решенија.
Игран потег за парламентарните избори
Но суштината на овој потег оди и подалеку од локалните избори. Со тоа што ги ослабува и ги дели ромските партии сега, Мицкоски однапред ја намалува нивната преговарачка моќ за парламентарните избори. Наместо да настапуваат како обединет блок со неколку илјади сигурни гласови, тие ќе влезат разбиени, зависни од милостина и целосно контролирани.
На тој начин, ВМРО-ДПМНЕ ја минимизира можноста Ромите да поставуваат услови за парламентарна коалиција. Наместо да бараат министерски позиции или сериозни политики, ќе мораат да се задоволат со трошки и тоа само доколку прифатат да останат послушни.
Спротивно на европските вредности
Оваа стратегија не е само цинична и кратковидна, туку е и директно спротивна на европските вредности што Македонија официјално вели дека ги следи. Европската унија инсистира на инклузија на Ромите, на нивна политичка и општествена рамноправност, на градење доверба и почитување на различноста. Наместо тоа, Мицкоски ја цементира нивната маргинализација, сведувајќи ја заедницата на инструмент за изборни игри.
Со вакви потези, не се руши само довербата меѓу ромските гласачи и институциите, туку се руши и кредибилитетот на државата во процесот на европска интеграција. Македонија не може да зборува за европска иднина, а да практикува балканска политика на поделба и исклучување.
Финалето на партијата
На краток рок, Мицкоски може да се смета за победник во партијата на бриџ. Но на долг рок, оваа тактика ќе го означи како лидер кој не знаел да создаде партнери, туку само да произведува послушници. А тоа не е европска политика, тоа е политика на ќорсокак.
Повеќе артикли
Каде е Шабан Салиу кога Ромите страдаат?
REF ги зајакнува мрежите на дипломци и педагози во Албанија и Косово
Министерот Панчe Тошковски нема време за ромските прашања