Како ќе преживееме како ромска заедница во сите овие кризи, и зошто политичката организираност е единствениот пат напред.
Во медицината, пред да започне лекувањето, се стабилизира состојбата.
Истото важи и за политиката.
Првото нешто што мора да се направи е да се стабилизира системското крвавење на ромската заедница.
Без тоа, секој друг напор е залуден.
Ова не е биолошка, културна или „социјална“ ранливост.
Ова е системска рана.
Кризите денес не се случајни и не се привремени. Тие се наталожени последици од години запоставување, од системи изградени без нас, од политики напишани за нас, но никогаш со нас. Ромската заедница секогаш прва ја чувствува тежината на секоја економска, социјална или политичка промена. И секогаш последна добива поддршка.
Па затоа прашањето „Како ќе преживееме?“ не е песимизам. Тоа е искрен поглед на реалноста.
Не можеме да преживееме додека од нас бараат да се лечиме, а раната сè уште крвари
Во нашите квартови кризата не е новост, новост е кога ќе има стабилност. Инфлацијата ги зголеми цените на сè, но платите останаа исти. Образованието е бесплатна услуга само на хартија. Здравството функционира само за оние со силни врски или полн паричник. Институциите постојат, но често само за да нè регистрираат, не и да нè поддржат.
И додека раната сè уште крвари, ни нудат преврски: по некој проект, по некоја обука, по некоја изјава во медиумите. Но тоа не е лекување. Тоа е козметика на длабоки фрактури.
Ниту еден народ не се подигнал со шминка на проблемите, туку со хируршка прецизност во решавањето на причините.
А причината за нашите проблеми е системска: недостаток на политичка моќ, недостаток на глас таму каде што се носат одлуките.
Да го сопреме системското крвавење со политичка организираност
Вистината е непријатна, но неопходна:
нема општествена промена без политичка сила.
Додека не сме политички организирани, сме само население, а не политички субјект. Сме статистика која ја спомнуваат кога треба да се пополнат извештаи. Сме тема за кампањи, но не и за политики. Сме присутни на фотографиите, но отсутни на масите на кои се носат одлуки.
Политички неорганизирана заедница е секогаш ранлива за кризи
Причината што кризите нè погодуваат најсилно не е затоа што сме послаби, туку затоа што сме политички невидливи.
Невидливи сме кога:
Hашите проблеми се третираат како „социјални“, а не како политички;
Hашите гласови се делат по квартови, наместо да се собираат во еден политички центар;
Hашите претставници се појавуваат само пред избори, а исчезнуваат веднаш потоа.
Без политичка организираност, барањата остануваат молби. А молбите никогаш не ја движеле историјата, ја движеле организацијата, единството и политичката храброст.
Да престанеме да бидеме гласачка бројка, време е да станеме политичка сила
Ромската заедница има потенцијал што досега никој вистински не го искористил. Имаме млади луѓе со факултети, активисти со визија, лидери со искуство. Но тие не се обединети во едно политичко тело со јасна стратегија и долгорочен план.
Политичка сила значи:
- структури што работат цела година, не само во изборна кампања;
- ромски претставници кои навистина одговараат пред заедницата, а не пред партиските врвови;
- јасна агенда: образование, здравство, домување, вработување и антидискриминација;
- масовна поддршка, која ќе испрати порака дека Ромите не се декоративна поддршка, туку неопходен политички фактор.
Солидарноста нè одржала живи, но политиката ќе нè направи еднакви
Можеме да опстанеме како што сме опстанувале со векови, со заедничка поддршка, со борба, со мудрост. Но тоа не е доволно за достоинствен живот.
Солидарноста ја држи заедницата заедно, но политичката организираност ја движи напред.
Само кога ќе станеме политички фактор, ќе престане да биде изненадување кога ќе видиме ромски лекар, професор, професионалец, директор, пратеник, министер. Тоа нема да биде исклучок. Тоа ќе биде нормалност.
Ќе преживееме, но прашањето е дали ќе напредуваме?
Ромската заедница е издржлива. Тоа не се доведува во прашање. Преживеале сме системи, држави, кризи и политики. Но времето на преживување мора да заврши.
Сега е време на создавање.
И на крајот, прашањето не е:
Како ќе преживееме?
Туку:
Кога конечно ќе се организираме политички за да почнеме да живееме како еднакви граѓани, а не како група што се бори за минимални права?
Кога ќе го сопреме системското крвавење, ќе почнеме да оздравуваме.
А лекувањето не се прави со зборови. Се прави со политичка сила.

Повеќе артикли
Четири ѕида не се доволни
Кога улиците на Бугарија ја одекнуваат вековната реалност на Ромите
Дваесет години ромска политика: многу хартија, малку промена