octobre 12, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

„Политиката што ги разведе и без развод: Приказната за двајца баџанаци“

narrow alley with old rural buildings

Photo by Leo Arslan on Pexels.com

Во ромските маала, има една стара поговорка: „Со соседот можеш и да не зборуваш, ама со баџанакот мораш барем да наздравиш.“ Но што се случува кога политиката ќе го загади и семејниот ручек? Што се случува кога баџанаци ќе станат политички непријатели – еден во ВМРО-ДПМНЕ, другиот во СДСМ?

Запознајте ги Наско и Џељо (измислени имиња), некогаш неразделни пријатели, денес политички ривали. Оженети се за две сестри, делеле скара, свадби, дури и кредит за реновирање на куќата. Но денес, не можат да се гледаат ни преку балкон – а не, да седнат на иста маса. Зошто? Затоа што едниот доби функција преку СДСМ, другиот доби ветување од ВМРО-ДПМНЕ. И толку беше од семејната хармонија.

Џељо, поранешен активист за човекови права, денес е советник во општината преку СДСМ. Го гледаме на прес-конференции, зборува за инклузија, инфраструктура и млади. Наско, пак, дојде до раководна позиција во едно јавно претпријатие со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ – гласен е на социјални мрежи, редовно зборува за „мерит систем“ и „национален интерес“.

Проблемот не е што тие се активни – проблемот е што нивната политика станала толку лична, што го уништи она што политиката треба да го зајакне: заедницата и семејството. Одеднаш, родендени се слават одделно. Свекрвата е ставена во неутрална зона, а децата на двете сестри не се дружат за да „не се замераат“.

Дури и на свадба лани, седеле на различни маси – еден до бендот, другиот до излезот. Еден наздравувал со партискиот координатор, другиот со локалниот активист. И не, не зборувале. „Не сакам политика на свадба,“ рекла една од сопругите. Ама нејзиниот маж сепак го спомнал буџетот за нови проекти. Другиот го прозвал за ветувања што не се оствариле. И пак – политика.

Во едно мало ромско маало, каде сите се роднини или кумови, политиката стана причина за нови „сваѓи“ и стари навреди. А се заборава главното – ромската заедница не добива ништо ако нејзините претставници се расправаат за која голема партија е „помалото зло“.

Наместо да создадат заедничка ромска платформа, баџанаците водат своја „домашна коалиција на инает“. А во меѓувреме, улиците сè уште немаат канализација, децата немаат училишни книги, а младите се пакуваат за Германија.

Нивната приказна е само пример. Во многу семејства низ Македонија, особено меѓу помалите заедници, политиката одамна престана да биде идеологија – таа стана борба за влијание, егзистенција, или понекогаш само за слика на Фејсбук со „големите“.

Ќе дојде ден кога Наско и Џељо повторно ќе седнат на иста маса. Но не затоа што ќе се сменат партиите, туку затоа што ќе сфатат – нема поента да си политичар, ако не можеш со сопствениот баџанак да испиеш кафе без расправија.