novembre 27, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

Ромска политика цврста како чачкалица

Ромската политика во Македонија е феномен толку слаба, што дури ни ветер од партиска вест не треба за да ја сруши. Цврста како чачкалица, држи само додека не ја потопиш во првиот политички сос.

Нашите „лидери“ не градат политика тие градат послушност. Наместо национална стратегија, имаат план како побрзо да се „усогласат“ со големите партии. Денес со леви, утре со десни, задутре со кој ќе ги повика прв. Ромската политичка елита не е политичка сила, таа е политичка сенка, која се движи онаму каде што големите фрлаат светло.

Немаат визија, немаат концепт, немаат ниту еден документ што зборува за ромската заедница како дел од државната иднина. Само зборови, флоскули, и вечното: „Ќе се решаваат проблемите на Ромите“. Како? Со што? Со три фотографии на Фејсбук?

Големите партии одамна ја научија играта: држи го Ромот задоволен со функција без влијание, и ќе го имаш народот под контрола. А нашите „претставници“ со задоволство ја прифаќаат таа улога – како актери во евтин филм без сценарио.

Каде е ромската национална политика? Каде се стратегиите за образование, економија, медиумска застапеност, политичко учество? Ги нема. Сè што има се политички трговци со пароли, кои зборуваат за иднината на народот, а живеат од минатото на туѓи ветувања.

Тешко е да зборуваш за достоинство кога твојата политика е потпис под туѓа одлука. Тешко е да бидеш лидер кога твојата најголема храброст е да се сликаш со министер.

Ромската политика денес не е глас него таа е ехо. Слаб одраз на големите партии што ја користат само кога им треба бројка, а потоа ја враќаат на мјут.

И додека народот живее во реалноста на невработеност, дискриминација и сиромаштија, нашите политички „претставници“ живеат во реалност на совети, комисии и состаноци без резултат.

Цврста како чачкалица, рековме, само што овие чачкалици одамна се искривени. И кога ќе се обидеш со нив да изградиш нешто вистинско, ќе видиш дека немаат ниту основа, ниту кичма.

Додека не се појави ромска политичка сила што нема да биде сенка, туку светлина, сè ќе остане исто. И можеби тогаш, конечно, ќе престанеме да живееме како статистика во туѓи извештаи.

Цврста како чачкалица, добра само за да држи парче кебап, но не и да биде дел од системот.