
Во џунглата што самите си ја создадоа, ромските политички “лидери” не се борци за правата на народот, туку акробати, трговци со бедата, и лиценцирани предавници по службена должност. Овие самопрогласени Тарзани не се ништо друго туку политички паразити кои секои избори се симнуваат меѓу луѓето за да им го цицаат последното достоинство па после се враќаат во канцелариите, во удобните фотељи, со нов лаптоп, нова кола, и старата приказна: « Ќе биде подобро ».
Ама подобро им е само на нив. Само нивните деца се вработени. Народот? Народот и понатаму живее без вода, без струја, без храна но со полни уши од лаги.
Политика без образ се прогласува за херој
Во кој универзум луѓе со две реченици речник, без ден искуство, и со школо што го завршија « по божја волја », стануваат претставници на цела заедница? Во универзумот на ромските Тарзани, каде што мерка за успех не е колку си направил туку колку си украл и останал неказнет.
Се качуваат на грбот на сиромаштијата, се смешкаат со властите, и кога ќе го продадат ромскиот глас, не само што не чувствуваат вина, туку се фалат со тоа. Предавството им е бизнис, функцијата e договор, а народот e монета за поткусурување.
Продадено: еден кварт, две вработувања, три гласа
Ова не се политичари. Ова се локални шерифи во опинци од Versace, кои одат од врата на врата со ветувања што не вредат ни колку пластичната пенкала што ги делат. Вработување за глас. Кутија со масло и шеќер. Партиска книшка како билет за преживување.
Тие не работат за Ромите, тие работат врз Ромите.
Или уште поточно по нивното политичко опслужување, ромските населби изгледаат полошо од воени зони, додека нивните банкарски сметки растат побрзо од статистиката за невработеност.
Можеби најстрашното нешто е што овие “лидери” не сакаат паметни Роми околу себе. Ги гушат младите, ги игнорираат академците, ги бојкотираат критичарите. Зошто? Затоа што тие не знаат да водат, туку само да командуваат над послушни и сиромашни.
И додека млади Роми учат, патуваат, градат визија, овие Тарзани се плашат. Се плашат од памет. Од промена. Од вистински народен глас.
Да бидеме искрени ромската политика е киднапирана. Од лажни претставници, криминализирани « активисти », и кланови што го вртат народот како пони на вашар. Ова не е случајност. Ова е стратегија. Стратегија да останеме таму кај што сме, долу, безгласни, зависни.
Доста е од политички Тарзани што мислат дека ромскиот глас е имот што го наследиле од дедо им.
Ако не се организираме, ако не ги разобличиме по име и презиме, ако не им застанеме на пат, тие ќе продолжат да си играат со нашата судбина уште десет, дваесет, педесет години.
А нашите деца ќе растат во иста и без иднина.
Нека е ова последен пат кога ромскиот политички простор ќе биде циркус во костуми. Доста е од молчење.
Ромската политика нема повеќе место за Тарзани. Сега ни требаат луѓе. Вистински.
« Вистината боли, ама молкот убива. Време е за нова генерација. Не со нови партиски логоа, туку со нов морален код. »
Повеќе артикли
Каде е Шабан Салиу кога Ромите страдаат?
Министерот Панчe Тошковски нема време за ромските прашања
Бујар Османи отвара општинска народна кујна во Топана во соработка со хуманитарните организации