octobre 12, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

Срамно молчење по нападот врз ромскиот кандидат Умит Скопко во Виница

Вчерашниот напад врз ромскиот кандидат за советник во Општина Виница, Умит Скопко, отвори сериозни прашања за безбедноста на изборниот процес, но уште повеќе ја откри рамнодушноста на Демократски сили на Ромите (ДСР).

Иако станува збор за напад врз нивни кандидат, од ДСР до овој момент нема никаква реакција – ниту осуда, ниту соопштение, ниту барање за институционална истрага. Овој молк ги изненади и налути многу граѓани и активисти, кои очекуваа партијата јавно и гласно да застане во одбрана на својот член.

„Кога ако не сега ќе се слушне гласот на ДСР? Зарем напад врз ромски политичар во сред кампања не е доволен аларм?“ – коментираат активисти од теренот.

Политички аналитичари предупредуваат дека со ова однесување ДСР ја губи довербата кај ромската заедница, која со години очекува силна и доследна партиска поддршка. Наместо тоа, со тишината партијата испраќа порака дека насилството може да се премолчува и игнорира.

Но уште поскандалозно е молчењето на останатите политички партии – и од власта и од опозицијата. Ниту една од нив не најде за потребно да застане во одбрана на демократските принципи и на еднаквоста на сите граѓани. Партиите кои инаку бескрајно зборуваат за демократија и човекови права, овој пат се покажаа како лицемерни и цинични, ставајќи ја својата калкулирана изборна добивка пред заштитата на човековото достоинство.

Особено е срамен молкот на владејачката партија, чиј членови, според сведоштвата, директно учествувале во нападот. Наместо експресна осуда, суспензија и институционално расчистување, гледаме прикривање, релативизирање и молк кој ги охрабрува сторителите. Со тоа власта праќа порака дека насилството како средство за политичка пресметка е дозволено, се додека жртвата доаѓа од маргинализирана заедница.

Во оваа ситуација, неопходно е граѓанските организации, здруженијата за човекови права и медиумите да кренат глас и да побараат јасна одговорност од институциите. Напад врз кандидат во изборна кампања не смее да се толерира, особено кога целта е претставник на заедница која и онака е често маргинализирана.

Граѓаните во Виница бараат надлежните органи итно да ја расветлат случката и да се обезбеди безбедност за сите кандидати. Но исто така бараат и од ДСР да покаже став – дали ќе се бори за правата на Ромите или ќе продолжи со својата срамна пасивност. А од сите останати партии, вклучително и од власта, бараат конечно да престанат да ја користат ромската заедница како гласачка машина која потоа ќе биде оставена сама на себе, без поддршка, без заштита и без политички глас.