Европските институции ни даваат простории за состаноци. Простории со бели ѕидови, удобни столици, превод на неколку јазици и агенда уредно испечатена. На хартија – сè изгледа како примерна поддршка. Но во пракса, овие простории повеќе наликуваат на звучно изолирани кутии во кои ние – претставниците на ромската заедница – сме повикани да зборуваме, да анализираме, да дискутираме… и да останеме таму.
Се создава илузија дека нашиот глас е слушнат само затоа што е изговорен. Но вистината е дека често никој од оние што реално можат да донесат промена не е во собата. Нашите ставови се впиваат во ѕидовите, а не во политиките. Нашите барања се препишуваат во заклучоци, но не се претвораат во обврски. Нашите препораки завршуваат во извештаи што никој од „вистинските актери“ не ги чита со намера да постапи.
НЕ ни треба уште една сала за состаноци. Ни требаат носители на одлуки кои ќе присуствуваат – не само физички, туку и со јасна волја да преземат одговорност. Ни треба проактивност, не протокол. Ни треба партнерство, не протформа.
Но, мора да го погледнеме и другиот дел од проблемот: одредени ромски активисти, иако влегуваат во овие простории во име на заедницата, ја влошуваат состојбата поради сопствената неподготвеност или некомпетентност. Наместо да бидат двигатели на промена, тие понекогаш стануваат пречка — со непрофесионален пристап, недоволно знаење или со ставање лични интереси пред колективните.
Дополнително, имаме и наши Роми кои се постојано на состаноци без да поседуваат основно познавање за темите што се дискутираат. Во такви околности, тие не можат да придонесат ниту со значаен став, ниту со нов наратив — единственото што останува видливо е личната промоција. Кога ваквата динамика се повторува, таа создава погрешна слика за нашите капацитети и ја слабее позицијата на целата заедница.
Ромските прашања не се теми што треба да се обработуваат во тивок режим. Не може заедница која секојдневно се соочува со дискриминација, сегрегација и сиромаштија да чека на промена во простории каде што сите зборуваат, а никој што треба – не слуша. А уште помалку може да напредува ако во тие простории испраќаме луѓе без подготовка, без знаење и без јасна одговорност.
Време е Европските институции да ја отворат вратата надвор од формалните простории и конечно да ги внесат ромските приоритети таму каде што се носат реалните одлуки. Но истовремено, време е и ние како заедница да направиме јасна разлика меѓу активизам и аматеризам, меѓу посветеност и самопромоција.
Просториите можат да ни бидат дадени. Но одговорноста – и од институциите, и од нас самите – мораме да ја побараме и да ја носиме. И таа веќе одамна доцни.

Повеќе артикли
Кога улиците на Бугарија ја одекнуваат вековната реалност на Ромите
Дваесет години ромска политика: многу хартија, малку промена
МАНИФЕСТ ПРОТИВ ЗАКОНОТ „ШУТАР“