
Книгата Why Nations Fail започнува со еден впечатлив пример во градот Ногалес – половина од него се наоѓа во Аризона (САД), а другата половина во Сонора (Мексико). Ист народ, иста култура, исто сонце и клима. Но сепак – драматична разлика: Ногалес, Аризона има висок БДП по глава на жител, стабилни институции, квалитетно образование и здравство, додека Ногалес, Сонора се соочува со сиромаштија, слаб систем и несигурност. Што ги прави различни? Институциите.
Истата логика може да се примени и на нашата реалност. Шуто Оризари, иако дел од главниот град Скопје, често изгледа како да е во друга димензија – запоставена во однос на инфраструктура, образование и економски развој. Прашањето е: зошто? Одговорот е ист како во книгата – затоа што институциите се клучот.
Шуто Оризари: 29 години постоење
Шуто Оризари е уникатна општина, основана по земјотресот во 1963 година, а официјално признаена како посебна општина пред 29 години. Таа е единствена во Европа со мнозинско ромско население и со Ромскиот јазик како службен јазик. Тоа е симбол на културен идентитет и политичка видливост, но и опомена дека вистинскиот развој сè уште не е достигнат.
По 29 години, Шутка има што да покаже – богата култура, младо население, силна енергија – но исто така и многу предизвици: ограничено образование, висока невработеност, слаба инфраструктура и социјална стигматизација. Оваа состојба не е резултат на култура или „судбина“, туку на институционални избори – токму како што покажува примерот од Ногалес.
Паралела со Why Nations Fail
Асемоглу и Робинсон објаснуваат: нациите пропаѓаат кога нивните институции се екстрактивни – односно, кога малкумина имаат корист, а мнозинството останува на маргините. Успеваат кога институциите се инклузивни – кога обезбедуваат можности за сите, владеење на правото и поддршка на индивидуалниот труд.
Шуто Оризари е токму на таа раскрсница. Може да остане „Ногалес од мексиканската страна“ – со ограничени можности и системски бариери – или да стане пример за инклузивност, каде што секој млад човек ќе има шанса за успех.
Моето лично патување
Јас сум Ахмет Камбер, роден и израснат во Шуто Оризари. Моето основно образование го завршив во училиштето „Браќа Рамиз и Хамид“. Потоа го продолжив образованието на Економскиот факултет во Скопје (финансиски менаџмент), а магистрирав на Pau Business School (Франција) и University of Warwick (Велика Британија) во областа на меѓународниот менаџмент. Се специјализирав во инвестициско банкарство на престижната Grenoble École de Management во Франција(топ 20 мастер програми во областа на финансиите во светот според Financial Times).Денес работам во KPMG Франција како финансиски ревизор.
Моето патување е доказ дека кога поединец ќе има пристап до инклузивни институции, успехот е можен. Но, јас сум исклучок – а мојата визија е тоа да не биде случај, туку правило.
Заклучок
29 години Шуто Оризари постои како општина. Тоа е доволно време да се покаже дека заедницата може многу повеќе од она што ѝ е дозволено. Прашањето е: ќе останат ли институциите екстрактивни и ограничувачки, или конечно ќе станат инклузивни и ќе го ослободат потенцијалот на оваа општина?
Како што вели Why Nations Fail, не е географијата, културата или ресурсите она што одлучува за успехот, туку институциите. А јас верувам дека Шуто Оризари може да стане нашиот „Ногалес, Аризона“ – пример за тоа како една заедница, преку инклузивни институции, може да ја промени својата иднина.
Повеќе артикли
Ромските прашања надвор од Шуто Оризари – заборавената точка во локалните изборни програми
Kolumna: „Kujbe palo dumo so dukhala pobuter tari šamarka » Altaj Durmis
Лидерството што недостасува на ромската политичка сцена