octobre 12, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

Јас зборувам вистината, вака не се води политика за Ромскиот народ!

Веќе одамна времето на тишина помина. Ајде конечно да зборуваме отворено. Без маски, без лажен патриотизам, без пудра врз трагедијата. Зошто? Затоа што вака, како што оди сега, ромската политика е мртва точка ни мрднува, ни води, туку не влече надолу.

И да бидеме искрени: најголемиот дел од ромските политичари – не се решение. Тие се дел од проблемот.

Секој изборен циклус иста приказна. Прво глумат борци за ромски права, се појавуваат меѓу народот, прават селфиња, делат празни ветувања и евтини спектакли. А потоа? Ги снемува. Тие веќе не живеат во нашата реалност тие живеат во удобноста на своите функции, канцеларии и договори под маса.

Ромските политичари не успеаја да изградат визија, програма, институции. Ниту еден системски механизам кој долгорочно ќе му помогне на народот. Се занимаваат со симболи, со мали лични победи, додека нашите се третираат како граѓани од четврта класа.

А зошто? Затоа што на многумина од нив не им одговара народот да се освести, да се едуцира, да стане самостоен. Зашто свестен Ром, образован Ром и организиран Ром не им треба, тој им е опасност.

Овие „претставници“ со години ја држат заедницата како заложник, една нога во политиката, другата во невладин сектор, а двете раце во џеб. Станаа експерти за проекти, за фотографии со министри и за лажни успех-приказни. А народот? Народот остана сам, и повторно изневерен.

Вистината е болна, но мора да се каже:

Не е проблем само во државата. Проблемот е и во оние од нас што прифатија трошки наместо права, фотелји наместо борба, молк наместо интегритет.

Ромски политичари кои ќутат кога народот страда, не се политичари, туку извршители.

Не ни требаат Роми кои ќе се сликаат со премиерот, ни требаат Роми кои ќе му зборуваат вистината.

Затоа велам, оваа политика не не води никаде. Ни треба нов почеток, со нови луѓе, со чист образ, со искрена намера и визија. Ни треба автентично ромско лидерство кое ќе се одрече од шеми, партиски диктати и ќе стои рамо до рамо со својот народ, не над него.

Нека се знае:
Ние не сме жртви, но не сме ниту глупави. Ве гледаме. Ве читаме. И ќе ве паметиме.


Јас зборувам вистината. А вистината е – вака не се води политика.