novembre 27, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

8 Април – Не славиме! Бараме правда, еднаквост и одговорност

Секоја година, на 8 Април, политичарите се будат – но само за еден ден. Се облекуваат во „инклузивност“, ставаат дипломатска насмевка, некои дури и учат две реченици на ромски јазик за да ни го честитаат празникот.

Но веќе на 9 Април, нè снемува – од нивните говори, нивните политики и нивните приоритети. Ромите постојат само како еднодневна статистика.

Ние не сме фолклор. Не сме алатка за политички маркетинг. Ние сме граѓани – и имаме право на достоинствен живот секој ден, не само на 8 Април.

И додека институциите организираат свечености, ромските семејства од Шуто Оризари, Топаана, Прилеп, Битола, Куманово, Струмица и други градови живеат во сиромаштија и нехумани услови. Сè уште нема рамноправен пристап до образование, младите Роми се дискриминирани при вработување, здравството ги третира како секундарни граѓани, а државните институции функционираат како да Ромите не постојат.

8 Април не е ден за славење. Тоа е ден за гнев и отпор. Ден кога треба да се направи притисок врз оние што со години ги игнорираат нашите проблеми, но не пропуштаат можност да се сликаат со нас за пред камерите. Доста е од манипулации и декларативна “поддршка”. Време е за конкретни, системски мерки и вистинска одговорност.

Зошто да славиме кога речиси ниедна државна институција нема вработени Роми на одлучувачки позиции? Зошто да славиме кога европските фондови наменети за Ромите завршуваат кај НВО блиски до власта без резултати на терен? Зошто да славиме кога децата ни учат во сегрегирани паралелки, а за нашите маала институциите се појавуваат само пред избори?

До кога? До кога ќе дозволуваме да нè третираат како социјален проблем, а не како дел од ова општество со исто достоинство и права?

На 8 Април ние не треба да славиме – ние треба да бараме:

  • Вработување на Роми во јавниот сектор, не за квоти туку за правда.
  • Сериозни буџети за домување, образование и здравствена заштита.
  • Системска заштита од институционален и структурен расизам.
  • Вклучување на Роми во носењето на одлуки, не само како декор на комисии и совети.

Ќе славиме тогаш кога ромските деца ќе имаат исти можности како и секое друго дете. Ќе славиме тогаш кога ромскиот јазик нема да се користи само за “честитки” туку ќе биде рамноправен јазик во системот. Ќе славиме кога правдата ќе стане норма, не исклучок.

До тогаш – нема слава. Има борба. И има глас – јасен, гласен и непокорен.