novembre 27, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

Што ако ние, Ромите, почнеме вертикално лидерство, откако не успеа хоризонталното водење?

Во последните две децении, ние, Ромите, како заедница, бевме инспирирани од идејата за хоризонтално водење. Ни звучеше фер, демократски, правично. Сите гласови да се слушаат. Секој да има право на збор, на одлука, на визија. Верувавме дека рамноправноста меѓу нас ќе не зајакне. Но, дали не’ зајакна? Или не’ расплинуваше?

Денес, кога ја гледам реалноста, расцепканоста, зависта, меѓусебната блокада, проектите што ги јадат бирократија и суета – се прашувам: дали е време да размислиме за вертикално лидерство?

Кога сите водат, никој не води !

Во хоризонталниот модел, сите сме лидери, барем на хартија. Но реалноста покажа нешто друго: без јасна одговорност, без јасна визија, без капацитет да се донесуваат тешки одлуки, останавме во место. Енергијата што требаше да оди кон промена, ја трошевме на внатрешни конфликти.

Во име на инклузивност, се плашевме да критикуваме. Во име на еднаквост, ги поддржувавме и неспособните. Во име на заедништво, не се осмелувавме да признаеме кој навистина влече напред, а кој само стои на патот.

Што значи вертикално лидерство?

Не зборувам за авторитарност. Не зборувам за „еден да води, а другите да молчат“. Зборувам за структури во кои ќе се знае кој одговара за што. Ќе има визионер(и), ќе има луѓе што носат одлуки и други што ги спроведуваат. Ќе има јасни критериуми: компетентност, искуство, резултати. Ќе има отчетност – но и храброст да се води, а не само да се договара до бесвест.

Време е да признаеме неуспех

Неуспехот не е срамота. Срамота е да се тврдоглавиме во нешто што не функционира. Хоризонталното водење кај нас « со мали исклучоци » не донесе системска промена. Немаме силни ромски институции, немаме економска моќ, немаме обединет политички настап. Имаме стотици организации и илјадници проекти, но немаме заедничка визија и една рака што удира на маса кога треба.

Што ако?

Што ако кажеме: доста е. Што ако се договориме да изградиме ново, поодговорно, построго, но поефективно лидерство? Што ако младите, способни Роми добијат вистинска шанса, не само декларативна? Што ако направиме еден „ромски совет“ не за сликање и патувања, туку за вистински политички и економски одлуки?

Што ако, наместо да бегаме од хиерархија, создадеме хиерархија што служи на сите, а не само на своите?