Во изминатите децении, политичката сцена во Македонија, и покрај сите кризи, притисоци и турбуленции, бележи одредена еволуција. Партии се модернизираат, лидери се менуваат, идеологии се прилагодуваат кон новото време, а нови политички движења постојано никнуваат. Се формираат коалиции, се менуваат стратегии, и во најмала рака се обидуваат да останат релевантни.
Но, една група политичари во целата оваа динамика останува заглавена во место: ромските политичари.
Додека другите партии се обидуваат да го добијат вниманието на младите, да ги разберат новите технологии, да зборуваат за екологија, дигитална трансформација или европски интеграции, ромските политички претставници со ретки исклучоци, се уште зборуваат на јазикот од 90-тите.
Се чини дека единствената агенда им е личен опстанок и добивање минимален број гласови за да се „продаваат“ како партнери во секоја идна влада. Наместо визија за заедницата, сведоци сме на политичка регресија, или во најдобар случај стагнација.
Постои хронична отсутност на храбри ставови, идеи и нови лица. Во ромските средини речиси и да нема вистински политички дијалог туку само клиентелизам, вработувања по список, и користење на сиромаштијата како алатка за политичко уценување.
Иронијата е што ромската заедница најмладата во државата, би требало да биде мотор на промени. Но, без автентични лидери, тие остануваат само гласови кои се трошат на избори, без вистински резултат по нив.
Ромските политички претставници мора да разберат: времето на „локални шерифи“ и празни ветувања заврши. Ако не се појават нови лидери со визија, искреност и капацитет, тогаш заедницата ќе остане заглавена во политичко сивило, додека остатокот од општеството оди напред бавно, но сепак оди.

Повеќе артикли
Словенија зборува за демократија, но бега од неа: Претседателката и премиерот одбија дијалог со Ромите – токму кога најмногу треба
Менсур Халити со силна порака на РТВ СЛО: „Законот на Шутара не мора да каже ‘Роми’ за да се користи против Ромите“
Законот „Сутар“ создава опасен преседан: Анализа и последици за европските Роми