
Кога ќе се спомнат Роми и политика во Македонија, често првата асоцијација е Шуто Оризари единствената општина со ромско мнозинство и единствената каде речиси секоја партија, барем декларативно, се труди да покаже чувствителност кон ромските прашања. Но што се случува во сите други општини, каде ромската заедница живее во значителен број, но е дисперзирана и невидлива за големите партиски програми?
Меѓу симболика и тишина
Ако ги погледнеме изборните програми на најголемите партии за локалните избори, ќе видиме дека ромските прашања надвор од Шуто Оризари речиси и да не постојат. Во најдобар случај, тие се спомнуваат во рамки на општи политики како дел од « социјално ранливи категории », « маргинализирани заедници » или пак « етнички заедници ». Овој пристап има една основна слабост: Ромите стануваат статистичка категорија, без конкретни мерки за домување, пристап до образование, здравство или локален економски развој.
Локалната реалност е различна
Ромските маала во Прилеп, Битола, Куманово, Делчево или Виница имаат свои специфични предизвици, од легализација на дивоградби, преку инфраструктура и чистење на комунален отпад, до хроничната невработеност. Тоа се прашања кои не може да се решат со едно декларативно ветување, туку бараат систематски планови и буџетирани програми. Сепак, во локалните програми на кандидатите за градоначалници и совети речиси и да нема конкретни одговори.
Политичката математика
Причината е јасна – надвор од Шуто Оризари, ромските гласови ретко се пресудни за победата. Политичката математика ја маргинализира заедницата: малите партии често ветуваат многу за да ги мобилизираат ромските гласачи, но реалната моќ и буџетот остануваат во рацете на големите партии, кои пак гледаат на ромските прашања како периферна тема.
Последицата тивка дискриминација
Оваа политичка рамнодушност создава тивка, но системска дискриминација. Ромите надвор од Шуто Оризари стануваат „невидливи граѓани“ без јасни гаранции за подобрување на квалитетот на животот во нивните локални средини.
Време е за нова перспектива
Потребен е пресврт во политичкото размислување: ромските прашања не треба да се третираат како тема само за Шуто Оризари, туку како прашање за секоја општина во која живеат Роми. Тоа подразбира конкретни мерки инфраструктурни проекти во ромските маала, локални програми за вработување, поддршка на ромски бизниси, и посебни буџетски линии кои ќе осигурат дека ромските заедници нема да бидат само предизборна реторика.
Повеќе артикли
Каде е Шабан Салиу кога Ромите страдаат?
REF ги зајакнува мрежите на дипломци и педагози во Албанија и Косово
Министерот Панчe Тошковски нема време за ромските прашања