novembre 27, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

Време е за таргетирани политики за Ромите – доволно е со декларации

Со секоја нова влада, слушаме исти ветувања – економски раст, подобро образование, здравство за сите, еднакви можности. Но кога ќе се погледне подлабоко, станува јасно дека не „сите“ имаат подеднаква корист од тие програми. Ромската заедница – иако е составен дел од општеството – речиси секогаш останува надвор од реалниот опфат на генералните државни политики.

Да бидеме искрени: проблемите на Ромите не се прашање на инклузивен јазик во владините стратегии, туку на суштинско, практично вклучување. Ако општите мерки не ги допираат луѓето кои се на маргините, тогаш не зборуваме за еднаквост, туку за формална рамноправност без содржина.

Ромите и понатаму се соочуваат со висока невработеност, недостапно образование, сиромаштија, сегрегација во училиштата и дискриминација при вработување. Дел од овие состојби не се менуваат со децении. Затоа, веќе не е доволно да се каже дека „генералните програми важат за сите“. Тие програми едноставно не функционираат еднакво за сите.

Зошто таргетирани политики?

Таргетираните програми не значат привилегии – тие се компензација за реалната нееднаквост. Ако една заедница со години е на маргините, тогаш државата има обврска активно да интервенира, не само да чека „природно“ да се подобри состојбата. Тоа значи специјални програми за:

вработување на Роми во јавниот и приватниот сектор,

пристап до квалитетно образование без сегрегација,

подобрување на условите за живеење во ромските населби,

и борба против институционалната дискриминација.

Тие мерки мора да бидат дизајнирани со учество на самата ромска заедница, а не од канцеларии во кои никој не го познава секојдневието на тие луѓе.

Побрзо, посуштински, со одговорност

Секоја влада која навистина сака да биде праведна мора да си постави јасна цел: намалување на јазот меѓу Ромите и останатата популација. Не декларативно, туку мерливо – со индикатори, буџет и одговорни институции.

Државата не смее повеќе да се задоволува со симболични гестови и проекти „за слика“. Времето на формалните стратегии помина. Ако навистина сакаме интегрирано општество, тогаш мора да имаме и таргетирани, одговорни и забрзани програми за оние што системот со децении ги изоставува.

Затоа прашањето денес не е дали треба посебни политики за Ромите, туку зошто сè уште ги нема.