
И без да те читаат, си им веќе непријател !
Во денешново општество, да имаш свој став е речиси политички акт. Не затоа што твоето мислење е радикално, опасно или погрешно, туку затоа што не се поклопува со колективната шема на одобрување. Ако не одиш по кејф на „правите“ луѓе, ако не лајкнеш што треба, ако не се смееш на вистинската шега, ако не го повториш соодветниот наратив — автоматски стануваш непријател. Не соговорник. Не критичар. Непријател!
Не им е проблем што критикуваш. Проблем им е што твојата критика може да им го помрдне комфорот.
Кога не им одиш по кејф, не си „граѓански активист“, туку „провокатор“. Не си „новинар“, туку „интригант“. Не си „глас на заедницата“, туку „распирувач на омраза“ или некој те плаќа за да збориш, Не почитувани не сум џубокс (jukebox) Каде се ставаат ситни пари за да ти испее некоја песна. Тие ознаки доаѓаат од луѓе што со години користат средства за „инклузија“, а не можат да поднесат различен став. Луѓе што имаат моќ, но немаат визија. И кога ќе се појави некој што мисли со своја глава – веднаш станува закана.
Па еве ви нешто јасно: Не сме сите тука да ви бидеме удобни. Ниту на институциите, ниту на невладините, ниту на вашите мали кланови во сенка.
Те читаат со намера да најдат причина да те замразат. А често — ни тоа не го прават. Доволно е да слушнат дека нешто си рекол, и одеднаш знаат сè за тебе: кој си, што си, за кого работиш, која агенда туркаш. Аргументи? Нула. Разговор? Заборави. Веќе си ставен во фиока. Запечатен со лепенка: „Непожелен“.
Оваа логика не е случајна. Таа е граденa долго време, хранета со плитки наративи и евтини поделби. Наспроти идејата за дебата, дијалог и размена на мислења, кај нас се негува култура на усогласеност. „Сите да мислат исто“ — тоа е поривот на модерната толпа. Се вика „слобода на говор“, ама само ако го зборуваш она што сакаат да го чујат. Се вика „инклузија“, ама само додека се вклопиш во таборот. Чим излезеш од рамката, веќе си „злобен“, „платен“, „агент“, „лажго“, „завидлив“ — листата е долга.
Парадоксално, токму оние што најгласно зборуваат за толеранција, покажуваат најмал праг на толеранција за сè што не им се допаѓа. Прекршиш некој непишан код на прифатено однесување? Ти следува откажување, јавен линч, блокирање, озборување. Ако не одиш по кејф, стануваш опасен — не зашто си закана, туку затоа што покажуваш дека може и поинаку. А тоа најмногу ги плаши.
Ова не е само интернет појава. Тоа е атмосфера што се шири насекаде: во институции, во медиуми, во друштва, дури и во семејства. Одеднаш, сите сме или-или. Или наши, или нивни. Или подобни, или мразени. И тоа не на основа на вистина или реален суд — туку на чувство, слух, муабет од трета рака.
Но вистинската храброст денес не е да си гласен како сите. Вистинска храброст е да си свој, дури и кога тоа значи да останеш сам. Да зборуваш, иако знаеш дека ќе бидеш погрешно сфатен. Да поставуваш прашања, иако знаеш дека ќе ти го земат за навреда. Да одбиеш да бидеш дел од хистеријата — и да ја носиш цената за тоа.
Ако не им одиш по кејф, нема да ти простат. Но ако им одиш по кејф, ќе се изгубиш себе си. А кога ќе мораш да живееш со своето ќутање, нема лајк што ќе те утеши.
Нашата заедница нема да оди напред со тишина. Туку со вистина. А вистината некогаш боли, затоа што ја трга маската. И кој не е подготвен за вистина – ќе го прегази времето. Затоа, на сите што се плашат од вистински гласови – не сме ние проблемот. Проблемот е што конечно ве гледаме. И ве кажуваме.
Повеќе артикли
„Роми 365 дена: Доста беше само со статуси и симболика“
16 Мај – Ден на отпорот, но и на надежта
Биди храбар, излези на терен – не да се криеш зад тастатура кога има проблеми