juin 18, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

Биди храбар, излези на терен – не да се криеш зад тастатура кога има проблеми

Во време кога сите се јунаци на интернет, кога статусите и твитовите се мерило за ангажираност, а хаштагот заменува акција, доаѓа прашањето: каде си кога гори? Каде си кога некој друг е мета на омраза, дискриминација, или дури физичко насилство? Особено кога тоа се случува со нашите роми – најмаргинализираната и најпрогонетата етничка група во Европа.

На Балканот и пошироко, ромите сè уште живеат под притисок, во сиромаштија, опкружени со предрасуди, одбиени од институциите и честопати – од своите соседи. Не зборуваме за некој далечен расизам од другиот крај на светот. Зборуваме за расизам кој го гледаме на улица, во училиштата, во болниците, на влезот од зградата. И сè додека само кликаме „dislike“ или „срам да ви е“ – ништо не менуваме.

Ромската заедница не е само статистика во нечиј извештај за човекови права. Тоа се луѓе со имиња, со животи, со надежи. Но кога ќе настане конфликт – како во неколкуте случаи низ Балканот каде што ромските семејства беа нападнати, избркани, или медиумски линчувани – повеќето се кријат зад тишината. Или, уште полошо, зад тастатурата.

Вистинската храброст не е да напишеш статус. Вистинската храброст е да отидеш на терен, да бидеш таму каде што е тешко, каде што има неправда. Да се спротиставиш кога ќе видиш полициско малтретирање, или дискриминација во училиште. Да не останеш нем кога твојот сограѓанин е наречен „циган“ со презир. Да протестираш, да зборуваш, да сведочиш.

И ги критикувате луѓето што се на терен, но тие се таму со жртвите, а не вие.

Во Европа, нацистичките духови се враќаат преку нова реторика: заштита на националниот идентитет, „традиционални вредности“, борба против „криминалните групи“. Тоа сè почесто значи – напади врз Ромите. Денес ги нападнале нив, утре можеби ќе дојдат по тебе. Историјата веќе го покажала тоа.

Ако сакаш да се нарекуваш активист, интелектуалец, човек што мисли со глава – тогаш не биди храбар само на социјалните мрежи. Биди храбар на улица. Во судница. Во училница. Во село каде што ромски деца немаат вода, но имаат право на достоинство.

Затоа, кога има проблем – не да се криеш. Излегуваш. Го користиш гласот. Го користиш телото. Да го браниш она што е човеково.