mai 22, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

ДЕНЕС КОЧАНИ СИ ГИ ПОГРЕБУВА ДЕЦАТА – ЌЕ ГО ЗАКОПАМЕ ЛИ И КОРУПЦИСКИОТ СИСТЕМ?

Tагата што денес го обвива Кочани е онаа што ниту еден град, ниту едно семејство не треба да ја доживее. Ова не е само локална трагедија – ова е трагедија на целата држава, на сите нас кои гледаме како повторно ја плаќаме цената на нефункционален систем, на негрижа, на корупција што тивко, но безмилосно го јаде нашето општество.

Можеме ли да зборуваме за несреќен случај, кога системот е тој што со години ги поставува темелите за вакви трагедии? Колку и да сакаме да веруваме дека ова е само едно од многуте проклети утрини во кои Македонија тагува, вистината е дека оваа несреќа, како и многу пред неа, е последица на нешто многу подлабоко – системот што одбива да функционира за своите граѓани.

Систем на корупција, систем на смрт

Ова не е првата трагедија, но дали конечно ќе биде последната? Државата низ годиниве си ги погребува своите деца – во болници што не се безбедни, на патишта што се убиствени, во пожари, во сообраќајки, во рушевини. А секој од тие случаи има еден заеднички именител – нечие затворено око, поткупен инспектор, политички поставен директор, изгласан закон кој служи на интересите на поединци, а не на народот.

Колку чини еден живот во оваа држава? Чини еден поткупен тендер, едно „ќе средиме“, еден потпис што никогаш не требало да биде ставен. Корупцијата не е само збор, таа е вистински убиец. И денес во Кочани, како и многупати претходно, токму таа уби.

Ќе ја ЗАКОПАМЕ ли корупцијата?

Прашањето што сега треба сите да си го поставиме е: до кога? Ќе биде ли ова последниот ден кога ќе тагуваме поради нефункционална држава? Ќе се осмелиме ли конечно да бараме одговорност, не само декларативно, туку со конкретни дела?

Промената не доаѓа сама. Таа доаѓа кога граѓаните стануваат погласни од олигарсите, кога институциите почнуваат да се плашат од народот, а не од тие што ги вработиле. Доаѓа кога секој што се гледа себеси како дел од оваа земја ќе сфати дека корупцијата не е далечна, апстрактна појава – таа е токму ова што денес го погребуваме во Кочани.

Затоа, додека солзите сè уште не се исушени, додека болката уште гори, време е да се запрашаме: дали конечно ќе ја погребеме и корупцијата? Или пак ќе продолжиме да живееме во држава што секој ден ги копа гробовите на своите граѓани?