juin 18, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

Една изборна единица – нова шанса за Ромите?

Во последно време сè погласни се повиците за измена на Изборниот закон и премин кон една изборна единица. Додека политичките партии дебатираат за добивките и загубите од оваа евентуална промена, помалите и помалцинските заедници, меѓу кои и ромската, внимателно следат што би значело ова за нивната политичка застапеност. Прашањето е едноставно: дали една изборна единица ќе значи повеќе глас за Ромите – или ќе бидат уште погласно заглушени во масата?

Според сегашниот модел, « Расцепкани » гласови Македонија е поделена на шест изборни единици. Овој модел создава систем во кој мали заедници како ромската, кои се демографски растурени низ државата, тешко можат да обезбедат свој претставник во Собранието. Гласовите се расцепкани по региони, и многу често остануваат под изборниот праг во конкретната единица. Тоа ја маргинализира ромската политичка моќ, дури и кога постои силна внатрешна мобилизација.

Во моделот на една изборна единица, секој глас тежи подеднакво на национално ниво. Тоа значи дека ако ромската заедница – која брои околу 2.5 до 3% од вкупното население – се организира и настапи обединето, има реална шанса да добие 2 до 3 пратеници во Собранието. Ова би значело автентична политичка застапеност – не преку коалиции со поголеми партии кои ги користат ромските гласови како бројка, туку преку свои претставници кои ќе зборуваат јасно за потребите на ромската заедница.

Крај на политичката манипулација?

Во изминатите децении, честопати се гледаше како некои партии „купуваат“ ромска поддршка во замена за симболични функции или краткорочни ветувања. Ова ја поткопа довербата меѓу ромските гласачи и политичкиот систем. Системот со една изборна единица создава услови каде што ромските партии или граѓански листи можат да добијат пратеник само врз основа на довербата на гласачите, а не преку партиски договори.

Секако, оваа можност не значи автоматски успех. За ромската заедница да го искористи потенцијалот на една изборна единица, неопходни се:

  • Обединување на политичките ромски субјекти – наместо фрагментација и меѓусебна конкуренција.
  • Јасна изборна програма која ќе биде прифатлива и за помладите генерации.
  • Граѓанска мобилизација и работа на терен, особено со дијаспората и невклучените гласачи.

Измената на Законот за избори кон една изборна единица не е само техничка промена. Таа е политичка можност што може да донесе вистинска промена за помалцинските заедници, особено за Ромите. Ова не е гаранција за успех – но е можност што досега ја немаа.

Ако ромската заедница умее да ја препознае и искористи, може конечно да добие свое политичко место на масата – не како придружен гостин, туку како рамноправен учесник.