
Додека премиерот и сите министри од Владата на Република Македонија излегоа во јавност со извештаи, со бројки, со отчет за сработеното, еден глас – симптоматично – изостана. Зошто токму министерот без ресор задолжен за имплементација на Ромската стратегија, Шабан Салиу, одбра да молчи? Дали молкот е личен избор или политичка тактика?
Граѓаните имаат право да прашаат: што направи Шабан Салиу за ромската заедница во својот мандат? Колку проекти иницираше? Колку семејства почувствуваа промена? Дали навистина се работи на терен или само во извештаи кои никој не ги виде?
Ако сите други министри дадоа отчет – од одбрана до култура, зошто токму министерот кој треба да се бори за најмаргинализираната заедница нема храброст да застане пред јавноста и да каже: „Ова го направив, за ова сум одговорен“?
Дали Шабан Салиу ја сфаќа тежината на функцијата што ја носи? Или мисли дека неговата улога е само административна, со настапи по конференции, без реално влијание врз животот на Ромите? Ако е така, зошто тогаш ја прифати функцијата? Само за да има уште едно име на владиниот список? Само за политичка рамнотежа?
Колку од предвидените мерки од Ромската стратегија навистина се реализирани? Дали Салиу има податоци за напредокот во образование, вработување, домување, здравство за ромската заедница? И ако има – зошто тие податоци не се објавени? Зошто не се споделени со јавноста, со граѓаните, со самите Роми?
Може ли министер кој избегнува отчет да бара доверба? Може ли да зборува за застапување, а да не се појави со ниту еден конкретен резултат? Ако министерството без ресор е замислено како алатка за промена, зошто се претвори во уште една немоќна институција?
Ако Шабан Салиу навистина верува во мисијата што ја презеде – зошто тогаш молчи? Зошто избегнува транспарентност? Или молкот е потврда дека ништо суштинско не е сработено?
На крајот – дали оваа функција е само политичка декорација? И дали со својот пасивен однос, министерот не ја потценува токму таа заедница која треба да ја претставува?
Вистината е непријатна, но потребна: ромската заедница заслужува многу повеќе од министер кој молчи. Заслужува работа, резултати и отчет. Заслужува глас кој зборува, а не функција која молчи.
Повеќе артикли
Живот во страв: Колку е безбедно да се биде Ром на Балканот?
Ромската фондација за Европа ги покрена безбедносните импликации од антиромскиот расизам на средба со претседателот на Романија
Ако државите немаат место за Ромите во системот, како ние Ромите треба да си го направиме местото во системот