
Дојдено е време конечно да ја погледнеме вистината во очи. Без шминка. Без евтини изговори. Без самосожалување. Ромската заедница во Македонија не е само жртва, таа е активен соучесник во сопственото уништување. Ако не го признаеме тоа, уште 34 години ќе не чекаат: сиромаштија, тишина и тотална безгласност.
Државата нè користи, но ние дозволуваме Македонската држава не покажала ниту волја, ниту искрен интерес за суштинска промена на состојбата на Ромите. Секој проект е „одгоре-надолу“, симулација на инклузија, а реално ништо. Кога доаѓаат избори, партиите нè бараат само како гласачка машинерија. Делат пакети, ветуваат вработувања, ветуваат се и сешто. А ние, повторно веруваме.
Зошто? Затоа што сме научени да молчиме, да прифаќаме малку, да се продаваме евтино. А најстрашното е што оваа култура на потчинетост ја поддржуваат токму тие што требаше да нè бранат.
Ромските политичари се главните гробари на заедницата, најголемата вина не ја носат ни политичките партии, ни државата, туку самите ромски политичари. Луѓе без доблест, без храброст, без визија. Секој од нив гледа како да биде „близок до власта“, а не близок до народот. Тие не се претставници, тие се курири на системот. Послушници со лична агенда.
Не постои ниту еден ромски политичар во последниве децении што оставил реален системски резултат. Само фотелји, позиции, лични договори, партиски колачи. А ромите? Остануваат сиромашни, невидливи, и третирани како проблем, а не како граѓани.
Поделени сме, и затоа сме слаби. Ниту една друга заедница не е толку фрагментирана како ромската. Поделени сме по кланови, по градови, по интереси, по партиски наредби Секој против секого. Тетово против Шуто Оризари. Прилеп не го сака Битола. За секој проблем имаме пет мислења, но ниту едно решение. Секој сака да биде лидер, а никој не сака да сноси одговорност.
Овие внатрешни поделби нè прават лесна мета – за политичките партии, за институциите, па и за медиумите. Нас не нè делат, ние самите се распарчуваме.
Секои избори се нов доказ за тоа колку длабоко сме паднати. Наместо да поставиме услови, ние се „обединувааме“ само на хартија, а во позадина се тргува со гласови, со позиции, со чисти лаги. И што добиваме? Повторно ништо.
Нема министер. Нема влијателен ромски функционер. Нема стратегија. Нема визија. Само уште една објава на Фејсбук дека некој „успеал“, а заедницата пак останала на дното.
Колку пати ќе слушаме „државата е виновна“, „нас никој не нè сака“? Да, вистина е. Но ако самите не се сакаме, ако самите не се организираме, не се здружиме, не се самодисциплинираме, никој нема да не спаси.
Ако повторно излеземе на избори и гласаме за истите, тогаш не заслужуваме ништо повеќе од ова. Тогаш оваа беда ја прифаќаме како нормална.
Јас како ромски милитантен новинар се прашувам, дали вреди оваа борба?
Секој ден ја водам оваа битка со зборови, со текстови, со гнев и со надеж. И да, уморен сум. Разочаран сум. Повреден сум од сопствениот народ, кој ме обвинува што ја зборувам вистината. Повреден сум од тие што ме гледаат како закана само затоа што не сум дел од нивниот договор со лагата.
Но сè уште сум тука.
Зошто? Затоа што ако и јас молчам, тогаш навистина ништо нема да остане. Тогаш тишината ќе биде совршена. Ќе победат тие што профитираат од молкот, од стравот, од неукоста.
Затоа продолжувам.
Не заради фотелја. Не заради пари. Не заради пофалби. Туку заради достоинството што не смееме да го загубиме. Некој мора да ја води оваа борба, дури и кога сите други ќе се откажат.
И ако е цената осаменост ,ја прифаќам.
Не барам поддршка. Барам будење. Ако уште има барем неколкумина што веруваат во чесна борба повелете. Сите други, нека се повлечат. Оваа битка не е за слабите.
Повеќе артикли
Koga ka chinava te unishtina amen mashkar amende ?
„Ромската кауза без интерес не постои – станаа(вме) џубокс активисти“
Ова беше извинување – во колоквијална смисла. Во реалноста, тоа беше прикривање.