juillet 16, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

„Ромската кауза без интерес не постои – станаа(вме) џубокс активисти“

Од љубовта за правда до љубовта за пари, тоа е кратката историја на многу од денешните ромски „активизми“. Ако во едно време борбата беше од улица, од внатрешна болка и солидарност, денес таа се води по проекти, извештаи, селфи-акции и повремени сториња со спонзорирана емоција. Празни зборови за полни џебови. И ако звучи грубо, треба да биде.

Се чини дека без финансиски интерес, ромската кауза исчезнува. Ако нема проект или донатор, нема ни кауза. Ако нема камера нема активист. Наместо да ја следиме вистината и оние кои навистина се жртвуваат, ние се вртиме кон оние што знаат како да ги активираат фондовите, не свеста. Станаа(вме) како џубокс фрли паричка, добиј „ангажман“. Зборуваме само кога некој плаќа да зборуваме. Или уште полошо зборуваме само за оние за кои чувствуваме емпатија, а не за оние кои ја кажуваат вистината, без разлика дали ни е пријатна или не.

Кога последен пат некој одлучи да поддржи ромски интелектуалец кој ги критикува нашите навики, а не ги мази нашите емоции? Не го правиме тоа. Затоа што денес не се цени искреноста, туку корисноста. Не прашуваме „дали е во право“, туку „дали ми одговара“.

Многу од нашите самонаречени борци не се борци, туку брендови. Одат каде што има светлина, не каде што има мрак. А вистинските водичи оние кои укажуваат на длабоките проблеми, кои не се плашат да кажат непопуларна вистина тие ги игнорираме, ги замолчуваме, или уште полошо, ги исмејуваме. Немаат „рејтинг“, немаат проект, немаат одобрување од „горе“. А токму тие ни го даваат патоказот.

Ако продолжиме да бидеме џубокс активисти ангажирани само по нарачка, гласни само за личен интерес, тогаш ромската кауза ќе стане уште една индустрија, не движење. Ќе станеме поддржувачи само на оние кои ни се емотивно симпатични, а не на тие што навистина се важни. Ќе зборуваме многу, но нема да кажеме ништо. Ќе добиваме признанија, но нема да оставиме траг.

Затоа време е да се запрашаме: за кого навистина се бориме? За народот или за себе? За правдата или за привилегијата? Ако одговорот не е јасен тогаш ни каузата не е вистинска.