mai 21, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

Трамп постави нов праг: „Ако Mакедонија мора да троши 5% од БДП за одбрана, ќе треба да се скратат средства од други важни области – здравство, образование, инфраструктура…“

Барањето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп до сојузниците во НАТО да издвојуваат 5% од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана предизвика реакции во европските престолнини на почетокот на годинава. Минатата недела, во седиштето на НАТО во Брисел, македонскиот министер за одбрана, Владо Мисајловски, учествуваше и се обрати на состанокот на Северноатлантскиот совет, каде што министрите за одбрана од сите 32 сојузнички земји дискутираа за безбедносните предизвици.

Во своето излагање, Мисајловски ја потврди заложбата на Македонија за континуирано вложување на 2% од БДП во одбраната, што ја позиционира земјата меѓу две третини од сојузниците кои веќе го исполнуваат овој заеднички договор. Сепак, во интервју за „360 степени“, тој изјави дека американската иницијатива за зголемување на одбранбените трошоци на 5% од БДП е многу тешко остварлива за Македонија. Тој не ја исклучи можноста за зголемување на буџетот преку внимателни политики и финансиски реформи.

Порталот „Локално“ разговараше со Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи, кој оцени дека зголемувањето на трошоците за одбрана на 5% од БДП би било значителен товар за македонската економија. Според него, сегашното ниво од 2,22% е веќе значајно за мала економија како македонската, а натамошно зголемување би значело намалување на инвестициите во други клучни сектори како што се здравството, образованието и инфраструктурата. Тој исто така посочи дека безбедноста на Македонија не зависи само од воените трошоци, туку и од сојузништвата, стратегијата и паметното управување со ресурсите.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека без дополнителни инвестиции, капацитетите за одвраќање на Русија ќе бидат загрозени во наредните пет години. Трајкоски го постави прашањето дали овие зголемени трошоци се навистина неопходни или се дел од поширока политичка и воена стратегија. Според него, иако руската воена закана не може да се игнорира, значителен дел од воените трошоци завршуваат кај големите компании во рамките на воено-индустрискиот комплекс, кои имаат економски интерес од зголемување на тензиите.

Од друга страна, заканите на Трамп за можно повлекување на САД од НАТО доколку не се исполнат неговите барања создаваат дополнителна несигурност. Според Трајкоски, такво сценарио би било огромен геополитички шок, но малку веројатно во пракса, бидејќи НАТО е главен инструмент за американското глобално влијание. Дури и ако Трамп инсистира на оваа политика, ќе се соочи со силен отпор од Конгресот, Пентагон и европските сојузници.

Во случај на повлекување на САД, Европа ќе се соочи со реалноста на зголемени одбранбени обврски. Франција и Германија веќе размислуваат за поголема стратешка автономија, но Европската унија сè уште нема заедничка воена структура што би можела да го замени НАТО. Ова би довело до зголемување на одбранбените буџети, создавање нови регионални сојузи и значителни инвестиции во воена инфраструктура, што би ја променило геополитичката динамика на континентот.

Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, на прес-конференцијата во Брисел истакна дека Европа мора да преземе поголема одговорност за својата безбедност, нагласувајќи дека Вашингтон нема да дозволи „чичко Сем да стане чичко Наивен“. НАТО веќе бележи раст на воените трошоци од страна на европските членки, особено по руската инвазија на Украина во 2022 година, но нивното понатамошно зголемување останува предизвик поради затегнатите јавни финансии и политичката нестабилност.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека 23-те членки на ЕУ кои се дел од НАТО најверојатно ќе се согласат на нова цел за одбранбени трошоци над сегашните 2% од БДП на претстојниот самит на Алијансата во јуни. Дебатата за балансот помеѓу разумната одбрана и прекумерното вооружување продолжува, додека европските влади се обидуваат да ги усогласат безбедносните приоритети со економската стабилност.