
Од 7 април, секоја година, европските институции ја одбележуваат Ромската недела со дебати, конференции и официјални изјави за посветеноста кон подобрување на положбата на Ромите во Европа. Но, колку од оваа реторика преминува во реални промени?
Дали Ромската недела е само симболична вежба или вистински поттик за конкретен ангажман?
Во текот на изминатите години, во Европскиот парламент и Европската комисија се зборуваше за интеграцијата, дискриминацијата и можностите за Ромите. Беше потсетено дека тие се најголемата малцинска заедница во Европа, но и понатаму една од најмаргинализираните. Политичарите повторно повикаа на подобри политики, на намалување на антициганизмот и на обезбедување еднакви можности. Но, кога ќе се изгаснат камерите и ќе се затворат салите за состаноци, што останува?
Ромската заедница одамна бара конкретни чекори – финансирање проекти кои директно влијаат на нивниот живот, санкции за земјите кои ги дискриминираат, активна инклузија на Ромите во донесувањето одлуки. Наместо тоа, сведоци сме на уште една година во која декларациите се повторуваат, но вистинскиот напредок останува минимален. Европската унија има механизми за притисок врз земјите членки, но ретко кога ги користи за заштита на Ромите.
Потребен е системски пристап кој нема да зависи од една недела симболична поддршка. Тоа подразбира постојана контрола врз начинот на кој се спроведуваат политиките за инклузија, санкционирање на дискриминацијата и создавање конкретни можности за образование, вработување и домување. Доколку Ромската недела остане само простор за говори, без реални мерки, тогаш нејзината вредност е повеќе декларативна отколку функционална.
Европските институции мора да престанат со празна реторика и да почнат со реални реформи. Една од клучните области е образованието, каде што многу ромски деца сè уште се соочуваат со сегрегација, нееднакви услови и предвремено напуштање на училиште. Потребни се засилени програми за стипендии, соработка со училиштата и постојана контрола врз спроведувањето на инклузивните политики.
Во однос на вработувањето, невработеноста кај Ромите е далеку повисока од просекот, што значи дека мора да се создадат нови механизми за пристап до работни места, како што се програми за обука, поддршка за претприемништво и обврзувачки квоти за вработување во јавниот и приватниот сектор. Без конкретни економски мерки, интеграцијата останува само збор на хартија.
Дополнително, станбеното прашање е хроничен проблем. Илјадници Роми живеат во субстандардни услови, без пристап до основни комунални услуги. Европските фондови треба да бидат насочени кон подобрување на условите за живеење, но и кон борба против присилното иселување кое честопати ги погодува ромските заедници.
Без овие и слични конкретни чекори, Ромската недела ќе продолжи да биде настан во кој преставници на институциите се фотографираат со Роми, но без обврска да ја подобрат нивната положба. Прашањето е: кога европските институции ќе покажат дека зборовите конечно значат акција?
Повеќе артикли
„Роми 365 дена: Доста беше само со статуси и симболика“
16 Мај – Ден на отпорот, но и на надежта
Биди храбар, излези на терен – не да се криеш зад тастатура кога има проблеми