mai 21, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

Фондацијата „Ромите за Европа“ нуди решенија – партиите нека не шират отров, туку нека соработуваат со активистите

Во време кога Европа сè повеќе се движи кон политичка поларизација, кога гласовите на омраза добиваат легитимитет, а маргинализираните заедници повторно стануваат мета – Фондацијата „Ромите за Европа“ испраќа јасен сигнал: решенија има, но потребна е воља, единство и политичка храброст.

Фондацијата не е само уште една невладина организација. Таа претставува платформа која систематски, аргументирано и одговорно гради предлози за политики, пружа експертиза на владите, ги вклучува ромските заедници во процесот и бара од институциите не декларации, туку обврски. Во свет полн со популизам, Фондацијата инсистира на професионализам.

Од друга страна, сведоци сме како дел од ромските политички партии и поединци– наместо да соработуваат со активистите, интелектуалците и младите кои се борат за еднаквост – избираат да ги напаѓаат. Со популистичка реторика, обвинувања без основа и лични напади, тие пуштаат отров кој ја труе и онака ранливата внатрешна кохезија на заедницата.

Да бидеме јасни: Ромските активисти не се непријатели на ромските политичари. Тие се нивен природен сојузник – ако тие политичари навистина имаат намера да работат за заедницата, а не за сопствена агенда. Вистинската политика не се плаши од критика – таа ја слуша, учи и се подобрува. Политика која го напаѓа својот народ за да си ја заштити удобната фотелја – не е заедничка, туку приватна.

И токму во овој момент, опасноста е уште поголема:
Во Франција, Холандија, Австрија,Романија, Унгарија и Бугарија – расте екстремната десница која отворено повикува на политики против Ромите. Во некои земји тие веќе се во владејачки коалиции. Ромите повторно се користат како „внатрешен непријател“ – во реториката, во медиумите, па дури и во образованието. Тоа не се само зборови – тоа се политики кои го ограничуваат пристапот до образование, домување, здравство и работа.

Ако ние, Ромите, не изградиме единствен, јасен фронт – базиран на знаење, активизам и политичка зрелост – тогаш ќе бидеме оставени сами пред нов бран на институционален расизам.

Фондацијата „Ромите за Европа“ неma магично стапче. Но таа работи. Предлага. Пишува. Вклучува.
Што прават тие што ја критикуваат?
Колку од нив напишале конкретен предлог до Влада?
Колку од нив излегле надвор од партискиот интерес за да помогнат на ромското дете во Шуто Оризари, на студентот во Битола, на невработените во Делчево?

Време е ромските политички субјекти да ја напуштат политиката на лични напади и да почнат да слушаат. Да соработуваат. Да го надминат стравот од луѓе што знаат повеќе – бидејќи заедницата заслужува повеќе.

Популизмот не носи достоинство. Соработката – да.

Оваа генерација Роми нема време за внатрешни поделби. Затоа повикот е јасен:
Политичари, работете со активистите. Не им пцујте мајка на Фејсбук. Не продавајте „чиста ромска крв“ додека потпишувате договори за вработувања само на своите.
Народот гледа. Историјата ќе суди.

А Европа веќе се менува. Прашањето е: ќе бидеме дел од промените – или нивна прва жртва?