
Во предвечерието на уште една изборна трка во Општина Шуто Оризари, политичката сцена повторно се претвора во театар, ќе има ветувања, меѓусебни обвинувања и нереални програми. На хартија, изборите се натпревар на идеи и визии, но на терен тие се борба за гласови, влијание и контрола над локалната моќ.
Овојпат, дури седум ромски кандидати се пријавени за градоначалничката функција. Овој број, кој на прв поглед изгледа како демократски плурализам, во реалноста е израз на длабока политичка неорганизираност, себичност и отсуство на елементарна стратегија кај ромските политички актери. Наместо обединет настап со јасна платформа, ромската заедница повторно се соочува со сопствената политичка автодеструкција.
Дробење, не делување
Во општина со околу 10.000 гласачи, од кои 6.500 се Роми, постоењето на седум ромски кандидати не е успех, тоа е пораз. Тоа е симптом на лични агенди, политички егоизам и несаканата реалност дека многу од овие „кандидати“ не се тука за да победат, туку за да преговараат, да уценуваат или да добијат нешто на страна.
Таквиот пристап е недозволиво неодговорен, не само кон гласачите, туку и кон иднината на самата заедница. Наместо заедничка листа, координиран настап и јасен лидер, ромските политичари создаваат вештачки поделби, стимулирани од партии од надвор, бизнис-интереси или лични фрустрации. Парадоксално, дури и кога мнозинството е нивно, тие повторно се однесуваат како политичко малцинство.
А „принцот“ чека
Во сенка на овој хаос стои албанскиот Блок, со 3.500 компактни, дисциплинирани гласови.
Ако ромските гласови се распрснати, принцот ќе седне на тронот. Без драма, без врева. Со математика и со организација.
Во Советот на општината, каде што мнозинството се добива со 10 од 19 советници, албанските политички структури веќе планираат да обезбедат најмалку 9, што би им дало клучна контрола врз локалните политики и ресурси. Ромските советници, дури и ако бидат повеќе на број, ќе бидат принудени да функционираат како блок без единство, што значи без ефект.
Ограничени само на една општина?
И тука се појавува уште еден, длабоко загрижувачки аспект: ромските политички партии речиси и да не постојат надвор од Шуто Оризари. Политичкото дејствување на ниво на држава е речиси непостоечко. Во Делчево, Берово, Прилеп, Битола, Виница, Кочани, Куманово, Кичево, Гостивар – Ромите живеат, но политички се невидливи. Ниту кандидати, ниту програми, ниту локални иницијативи.
Зошто? Зошто се сведува ромската политичка борба само на едно маало во Скопје? Зар другите Роми не заслужуваат претставеност, инфраструктура, поддршка? Зар немаме кадри, активисти и интелектуалци во другите градови?
Ова сведочење за ограниченоста на ромските политички структури е уште еден доказ дека не се работи само за бројки – се работи за политичка волја и визија. А тоа недостига.
Кој навистина ја предава Шутка?
Се поставува прашањето: кој ја предава политичката моќ во Шутка и пошироко? Не е тоа ниту државата, ниту другите етнички заедници. Ромите си ја предаваат сами, преку своите лидери. Преку политичари кои мислат на изборен ден, а не на четиригодишен мандат. Преку луѓе што претпочитаат да бидат „први во уличка“ наместо дел од поширока, влијателна мрежа. Преку партии што не градат кадри, туку си градат чииз куќи.
Ова не е само политичка грешка. Ова е национален срам. Дека по толку децении борба за права, рамноправност и инклузија, ромските претставници не се во состојба да се договорат за еден кандидат, барем кога бројките се толку јасно на нивна страна и не знаат или не сакаат да се шират надвор од својата зона на комфор.
Затоа, ова не е само прашање кој ќе победи, туку и кој ќе ја изгуби шансата за сериозен локален и национален развој. Иронијата е што мнозинството го имаат Ромите – но ако не го препознаат моментот, ќе станат малцинство во секој смисол на зборот. По сопствена вина.
Повеќе артикли
Каде е Шабан Салиу кога Ромите страдаат?
REF ги зајакнува мрежите на дипломци и педагози во Албанија и Косово
Министерот Панчe Тошковски нема време за ромските прашања