
Photo by Leo Arslan on Pexels.com
Во ромските маала, има една стара поговорка: „Со соседот можеш и да не зборуваш, ама со баџанакот мораш барем да наздравиш.“ Но што се случува кога политиката ќе го загади и семејниот ручек? Што се случува кога баџанаци ќе станат политички непријатели – еден во ВМРО-ДПМНЕ, другиот во СДСМ?
Запознајте ги Наско и Џељо (измислени имиња), некогаш неразделни пријатели, денес политички ривали. Оженети се за две сестри, делеле скара, свадби, дури и кредит за реновирање на куќата. Но денес, не можат да се гледаат ни преку балкон – а не, да седнат на иста маса. Зошто? Затоа што едниот доби функција преку СДСМ, другиот доби ветување од ВМРО-ДПМНЕ. И толку беше од семејната хармонија.
Џељо, поранешен активист за човекови права, денес е советник во општината преку СДСМ. Го гледаме на прес-конференции, зборува за инклузија, инфраструктура и млади. Наско, пак, дојде до раководна позиција во едно јавно претпријатие со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ – гласен е на социјални мрежи, редовно зборува за „мерит систем“ и „национален интерес“.
Проблемот не е што тие се активни – проблемот е што нивната политика станала толку лична, што го уништи она што политиката треба да го зајакне: заедницата и семејството. Одеднаш, родендени се слават одделно. Свекрвата е ставена во неутрална зона, а децата на двете сестри не се дружат за да „не се замераат“.
Дури и на свадба лани, седеле на различни маси – еден до бендот, другиот до излезот. Еден наздравувал со партискиот координатор, другиот со локалниот активист. И не, не зборувале. „Не сакам политика на свадба,“ рекла една од сопругите. Ама нејзиниот маж сепак го спомнал буџетот за нови проекти. Другиот го прозвал за ветувања што не се оствариле. И пак – политика.
Во едно мало ромско маало, каде сите се роднини или кумови, политиката стана причина за нови „сваѓи“ и стари навреди. А се заборава главното – ромската заедница не добива ништо ако нејзините претставници се расправаат за која голема партија е „помалото зло“.
Наместо да создадат заедничка ромска платформа, баџанаците водат своја „домашна коалиција на инает“. А во меѓувреме, улиците сè уште немаат канализација, децата немаат училишни книги, а младите се пакуваат за Германија.
Нивната приказна е само пример. Во многу семејства низ Македонија, особено меѓу помалите заедници, политиката одамна престана да биде идеологија – таа стана борба за влијание, егзистенција, или понекогаш само за слика на Фејсбук со „големите“.
Ќе дојде ден кога Наско и Џељо повторно ќе седнат на иста маса. Но не затоа што ќе се сменат партиите, туку затоа што ќе сфатат – нема поента да си политичар, ако не можеш со сопствениот баџанак да испиеш кафе без расправија.
Повеќе артикли
Фондацијата Роми за Европа обезбедува 15.000 евра хуманитарна помош за раселени семејства во квартот Захарна Фабрика во Софија
Отсуство на Ромите во Агендата за Реформи 2024-2027 во Северна Македонија: Проблем или случајност?
На Македонија не ѝ треба ресет, туку целосна (пре)инсталација – корупцијата убива!