mai 21, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

Албанските партии се спојуваат во булдожер, ромските партии си кројат крунски перики

Во земја во која политиката одамна стана циркус без шатор, денес гледаме две сцени кои нè тераат да се прашаме: кој овде е сериозен, а кој е карикатура?

Во време кога политичката сцена во Македонија е на работ да се прекрои, сведоци сме на два паралелни процеси кои откриваат многу за амбициите на различни заедници: од една страна, албанските политички партии влегуваат во процес на големо обединување, а од друга страна, дел од ромските политички субјекти сонуваат за круна – буквално.

Обединувањето на албанските партии не е неочекуван чекор. Соочени со сè поголема конкуренција, потреба за поголема политичка тежина и стремеж за централизирање на гласовите, овие партии сфатија дека заедно се посилни. Заеднички настап на избори значи поголем број пратеници, посериозни позиции при преговори за власт.

Од другата страна, пак, дел од ромските политички партии, наместо да се консолидираат околу јасни барања за права, интеграција и развој, избираат наратив кој повеќе личи на политичка бајка – повикување на создавање « Ромско кралство ». Иако овој повик можеби кај некои симпатизери предизвикува романтични чувства, реалноста е дека ваквата реторика ги оддалечува ромските партии од вистинските проблеми со кои се соочува нивната заедница: сиромаштија, недостапност до образование и здравство, маргинализација, ромските политички елити се занимаваат со монархија. Не со реформски програми, не со борба за подобро образование, здравство или работни места за нивниот народ – туку со изградба на имагинарно кралство. Веројатно со цел да си обезбедат титули како „Министер за магични ветувања“ или „Гроф на неостварени проекти“.

Ромските политички партии… но што прават тие? Наместо да се здружат за вистинска битка за својата заедница – тие бараат кралство. Да, кралство. И тоа не симболично: сакаат трони, круни и титули. А зад нив – сиромаштија, дискриминација, генерации деца без шанси… И нула конкретни планови.

Можеби некој треба да им каже: политиката не е модна ревија за крунски перики. Не добиваш гласови затоа што си се прогласил за крал, туку затоа што си решил конкретни проблеми. Но изгледа дека тие заборавиле дека пред да бидеш крал, мораш да бидеш барем чесен слуга на својот народ.

Додека албанските партии полираат тенкови за новите политички битки, ромските партии полираат пластични круни за уште еден маратон на самобендисаност.

Разликата е јасна: едните знаат што сакаат и знаат како да го земат. Другите не знаат ни што сакаат, а уште помалку како да стигнат таму.

И на крај – нема да страдаат лидерите во костими. Ќе страдаат обичните луѓе. Тие што уште веруваат дека некој таму, на врвот, мисли на нив.

А вистината е болна: додека едни маршираат кон институциите, други маршираат кон уште една политичка самосрамота.

И народот? Народот ги гледа. И знае. И ќе ги казни.

Прашање е само кога.