
Доста беше тишина. Доста беше глума. Веќе е срамно да се зборува за „еднаквост“ во држава која со години системски ја гази Ромската заедница. Ова не е незнаење. Ова е намерна политика. Намерно игнорирање. Намерно исклучување. Намерна дискриминација. И тоа не од некој анонимен расист од улица, туку од самата држава.
Веќе не сме деца да нѐ лажете со демократски пароли. Не ни требаат вашите „инклузивни стратегии“ испишани во Word документ со фонд пари од Европска унија. Доста беше глума. Вие не нѐ сакате. Вие не сакате Роми. Не како рамноправни. Не како луѓе. Сакате Ромот да е глас на избори, па да снема. Да е во кафана, не во канцеларија. Да чисти, не да води. Да моли, не да бара.
Македонската влада која милува да се претставува како „демократска“, „проевропска“ и „влада за сите“ одамна ја изгуби таа маска. За едни е мајка, секогаш тука, со грантови, проекти, привилегии. За Ромите? Маќеа, и тоа од оние најлошите, што не само што не ти дава ништо, туку и ти го зема она малку што имаш.
Оваа држава и секоја нејзина влада досега, не ја заборавила Ромската заедница. Ја игнорирала со намера. Ја држела во сиромаштија намерно. Зашто беден народ лесно се купува. А глас од сиромав Ром вреди повеќе од политичка програма. Точно знаете што правите. И затоа сте виновни. Ромите не се сиромашни, вие ги правите такви.
Да бидеш Ром во Македонија значи:
- Да живееш без струја, а на два чекори од општинска зграда.
- Да те прегледа лекар со ракавици како да си зараза.
- Да не те примат на работа „затоа што имаш акцент“.
- Да гледаш како твоите деца се гетоизирани во училишта со пониски стандарди.
- Да не постоиш во регистрите, ама си прв на списокот кога треба да се „прикаже дивоградба“.
Ова не е случајно. Ова е политичка одлука. Зашто на Ромите им е резервирана само една улога: бројка на избори. Гласот се зема, гласот се брои, ама по избори, вратата се затвора.
Институции со функција на ѕид.
Не штитат. Не решаваат. Не слушаат. А кога конечно ќе се побуниш, те нарекуваат „инструментализиран“, „испровоциран“, „немирен“. Се што е полесно од тоа да признаат: да, го заборавивме и го игнориравме цел еден народ.
Ќе ветат инклузија, ама ќе направат попис без точна бројка на Роми. Ќе зборуваат за „правна држава“, ама кога ќе гори куќа во Шутка, нема медиум. Кога ќе се наполни болница со Роми, нема реакција. Кога ќе се претепаат млади Роми од полиција има тишина.
Се работи за расизам. Системски. Политички. Организиран.
И сега ќе прашаме: До кога?
Одговорот е: До кога ќе молчиме. Затоа што власта никогаш сама нема да се смени. Ќе се смени кога ќе ѝ стане скапо да продолжи со игнорирање. Кога Ромите нема да бидат глас само на избори, туку и глас на отпор. Кога ќе се организираат, ќе побараат конкретно учество во власт, одговорност. Не само право на живот туку и право на достоинство.
Повеќе артикли
Живот во страв: Колку е безбедно да се биде Ром на Балканот?
Ромската фондација за Европа ги покрена безбедносните импликации од антиромскиот расизам на средба со претседателот на Романија
Ако државите немаат место за Ромите во системот, како ние Ромите треба да си го направиме местото во системот