
Зборовите тежат. Особено кога ти се фрлаат в лице како камен. Особено кога доаѓаат од уста што се смее, се прави другарска, а веќе те има сместено во категорија: „Циган“.
Во оваа држава, навредата стана навика. Расизмот ,обичај. И на крај, кога ќе се соочат со вистината, со сопствената мизерија преточена во речник, луѓето брзаат да се извадат со едната иста реченица:
„Не мислев така.“
„Не мислев на тебе.“
Па на кого мислеше?
На оној „другиот Циган“? На оној кој според тебе заслужува презир? На оној кој е „помалку човек“ од мене? Затоа што, според тебе, јас сум некаков исклучок добро воспитан, чист, образован, „не изгледам како Циган“, па навредата „не важи за мене“?
Еве ја вистината, важи. И секогаш ќе важи. Зашто секогаш ќе бидеме дел од истиот народ, истата кожа, истата траума.
Кога некој ќе каже „Циган“, тој не мисли на етничка припадност. Тој мисли на валканост. На неписменост. На сиромаштија, на криминал, на нешто што треба да се тргне од патот. Тоа е дефиниција што не ја измисливме ние – таа ни ја залепивте вие. Ни ја залепивте во школо, на работа, во институции, во секоја шега, во секој шапот.
А потоа доаѓа евтината заштита: „Не си ти како нив.“
Не, пријателе. Јас сум баш како „нив“. Само што ти не го гледаш тоа што не сакаш да го видиш. Не ја гледаш макава, борбата, достоинството. Ја гледаш само сликата што ти ја сервирале дома, на ТВ, на улица – и сега очекуваш ние да се радуваме што „не си мислел на нас“.
Да ти појаснам, кога нè вреѓаш нас, не можеш да нè делиш. Не постојат добри и лоши Роми според тоа колку те тешат дека не си расист. Ако мислиш дека зборот „Циган“ е нормален, секој пат кога ќе ти излета од уста, тоа си ти. Не треба да мислиш лошо – доволно е што така зборуваш. Тоа веќе кажува сè.
Проблемот не е само зборот. Проблемот е менталитетот што стои зад него. Тоа чувство дека ти си погоре, дека ти си оној што решава дали јас сум „прифатлив“ или не. Проблемот е што ти мислиш дека имаш право да не дефинираш, па дури и да не делиш на оние што ги сакаш и оние што не ги поднесуваш сите преку истиот збор.
А ние веќе не го прифаќаме тоа.
Ние веќе не молчиме кога ќе се фрли таа „случајна“ навреда. Ние веќе не се гласаме во втората лига на човечност. Ако навредиш еден, не си навредил „некого“, си навредил сите. И нема да ти простиме затоа што си додал: „не мислев така.“
Доста со извинувања без промена. Доста со лажна зачуденост кога ќе ти кажеме дека боли. Ние не сакаме да нè гледаш како исклучок. Сакаме да нè прифатиш како еднакви. Или барем – да нè оставиш на мир.
И нареден пат кога ќе кажеш „Циган“ размисли дали ќе го кажеш тоа и пред мене. Зашто јас ќе стојам исправен. А ти? Ти ќе се обидеш да се извлечеш со „не мислев на тебе“.
Ама мислеше. Само не мислеше дека ќе ти одговорам.
Повеќе артикли
Живот во страв: Колку е безбедно да се биде Ром на Балканот?
Ако државите немаат место за Ромите во системот, како ние Ромите треба да си го направиме местото во системот
Кого толку плаши стабилен Ром? Оштра вистина за институционалниот страв од еднаквост !