juin 18, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

Ние не сме проблем – ние сме потенцијал!

Кога ќе се спомне зборот „Ром“, во јавниот дискурс честопати се будат стереотипи – сиромаштија, невработеност, социјална ранливост. Но ретко кој зборува за ромски доктор, наставник, инженер, новинар. А ние постоиме. Ние не сме мит, ние сме реалност. Но реалност која премногу често е игнорирана.

Јас сум дел од ромската заедница и работам како новинар. И секој ден ја гледам двојната вистина: од една страна – невидливиот напредок на многу млади Роми, кои успеваат и покрај системските пречки. Од друга страна – секојдневната борба на ромските семејства кои се чувствуваат како граѓани од втора класа.

Во моето новинарство сум интервјуирал и министри и мајки од ромските маала. Сум разговарал со успешни Роми кои добиле шанса да студираат во странство, но и со млади кои се откажале уште во основно, затоа што никој не им кажал дека заслужуваат повеќе. И едните и другите ми ја кажаа вистината: интеграцијата не е само наша битка – тоа е тест за зрелоста на едно општество.

Кога Ром ќе успее, тоа не е „ромска приказна“ – тоа е успех на државата. Тоа значи дека системот понекогаш сепак функционира. Но искрено, честопати тој систем работи против нас – со предрасуди на шалтерите, со игнорирање на нашите проблеми во институциите, со „невидливост“ во медиумите. А ако сме невидливи, како да бараме правда?

Од национален интерес е да се креира општество во кое Ромите не се третираат како проблем, туку како ресурс. Тоа значи не само симболични гестови и повремени проекти, туку системски промени: стипендии за ромски студенти, квоти во државната администрација, заштита од дискриминација на пазарот на труд, и пред сè – промена на јавниот наратив.

Не смееме да заборавиме: интеграцијата не е концесија, туку правда. И не е само правда за Ромите, туку и за сите граѓани кои веруваат во фер општество. Ако Ромите успеат, успеваме сите. Ако ги исклучиш – се лишуваш од нивната моќ. Ако ги вклучиш – го вклучуваш и развојот.

Според Извештајот за мониторинг на Стратегијата за Роми 2022–2030 „помалку од 15% од Ромите во Северна Македонија имаат завршено средно образование, а само 1,3% имаат високо образование“. Ова не е затоа што ние не сакаме да учиме – туку затоа што често немаме еднаков старт. Училишта без наставници, дискриминација во клупите, сиромаштија дома – тоа се вистинските бариери.

Исто така, во Извештајот на Европската комисија за 2023 година се наведува дека „Ромите остануваат најмаргинализираната заедница во земјата, со ограничен пристап до здравство, домување и социјални услуги“. Оваа реченица се повторува секоја година – како закочена плоча. Но живеената реалност зад тие зборови не е музика – тоа е борба.

Честопати велат дека се инвестира во ромската интеграција. Но прашањето е: дали инвестираме во луѓе – или во папки? Дали ромските гласови се слушаат само кога има меѓународен извештај за пишување, или и кога треба да се донесат вистински политики?

А кога некој Ром ќе успее, тоа веднаш се гледа како „исклучок“. Но зошто? Можеби затоа што системот не е дизајниран да не поддржува. А треба. Затоа што кога Ром ќе стане доктор, учител или советник – не е тоа само личен успех, туку и доказ дека општеството може да биде фер, ако сака.

Ромите не се товар за државата – туку неискористен ресурс. Имаме млада популација, енергија, талент, креативност. Но ако системски не ни се даде пристап до можности, ќе продолжиме да се вртиме во маѓепсаниот круг на исклученост.

Интеграцијата не треба да биде само збор во стратегии. Таа мора да биде реалност во училиштата, во здравствените установи, во јавната администрација. Ако зборувате за нас – без нас – не зборувате за нас. Време е ромските гласови да бидат не само чуени, туку и одлучувачки.

Ние не бараме ништо повеќе од тоа што ни припаѓа по право – еднакви шанси. А кога ќе ги добиеме – ќе покажеме дека не сме проблем, туку потенцијал што предолго бил потценуван.