juin 18, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

„Роми 365 дена: Доста беше само со статуси и симболика“

Секоја година, на 8 Април или за време на комеморациите за ромскиот холокауст, сведочиме на ист шаблон: политичари со цвет во рака, говори со празни фрази за „интеграција“, неколку фотографии од свечен настан и – тишина. 364 дена потоа, Ромите се оставени повторно сами да се борат со сиромаштија, дискриминација и институционално игнорирање.

Политичките партии, без разлика дали се владејачки или опозициски, ги користат ромските гласови како електорален капитал кој се активира еднаш на четири години. За возврат – добиваме празни ветувања, несоодветни претставници и никаква вистинска поддршка за суштински промени. Ромите не се само гласачка машинерија – тие се граѓани со права, со проблеми кои бараат реални решенија, не само декларативна „посветеност“.

Но истовремено, не смееме да бидеме слепи и пред одреден вид на активизам кој сам се затвора во дигитални меури. Ромскиот активизам не смее да се сведе на статуси, хаштази. Многу „активисти“ денес функционираат како „онлајн борци“, кои реагираат само преку социјалните мрежи, без да понудат конкретни предлози, теренска работа или долгорочна визија.

Не само што не-Ромите не газат и игнорираат – туку најголемата штета понекогаш ни ја прават нашите луѓе. Да, зборуваме за лажните активисти, политички шминкани „лидери“

Овој „кликтивизам“ е удобен – не бара конфронтација, не бара вистинска одговорност. Но и не носи резултати. Не се менуваат закони со статус. Не се отвораат училишта или болници со шер. Не се спасуваат деца од сиромаштија со инфографик. Ако ромските активисти сакаат да ја променат стварноста, треба да влезат таму каде што е тешко – во институциите, на терен, во директна соработка со заедницата.

Промената ќе дојде само кога ќе се престанеме да глумиме активизам – и кога ќе почнеме да го живееме. Кога борбата за ромските права нема да биде сезонска, туку постојана. Кога политичарите нема да нè гледаат само пред избори, а ние самите нема да се помириме со симболична видливост еднаш годишно.

Ромите живеат 365 дена. Така треба да биде и борбата за нивните права. Сè друго е лицемерие.