
Одговорноста што никој не сака да ја преземе
Во општество кое сака да се нарекува демократско и европски ориентирано, молкот на институциите во моменти кога Ромите се соочуваат со отворена дискриминација е не само разочарувачки, туку и алармантен. Ова молчење не е случајно. Тоа е симбол на подлабок проблем системскиот расизам и структурната дискриминација што со децении се толерираат, а често и неформално се поддржуваат.
Кога ќе се случи полициска бруталност врз ромско дете, кога ќе ги одбијат на врата во болница затоа што « не се чисти », кога немаат шанси да најдат работа и покрај квалификациите, системот е нем. Се чека некој „скандал“ да излезе на социјалните мрежи, да се крене медиумска прашина, па евентуално некој портпарол со напамет научена реченица да каже: „Ќе го испитаме случајот“.
Но, каде е јавниот обвинител? Каде се институциите за човекови права? Зошто невладините организации често имаат поголем глас од самите државни органи? Затоа што системот не е направен да ги заштити Ромите, тој е создаден да ја одржува статус кво позицијата, каде тие остануваат „невидливи“.
Етнички навреди како медиумска норма?
Последен пример за оваа нормализација на дискриминацијата дојде од водителот на Инфомакс, Филип Петровски, кој во јавна емисија направи споредба помеѓу владината корупција и, цитирам, „циганска работа“. Оваа изјава е крајно навредлива, полна со предрасуди и етничка омраза, и претставува уште еден доказ за тоа колку длабоко вкоренета е дискриминацијата во јавниот дискурс. Уште пострашно е тоа што нема никаква реакција од регулаторни тела, ниту осуда од медиумската заедница. Каква порака испраќаме кога расизмот станува дозволен дури и очекуван во јавниот простор?
Институционалното молчење е најопасната форма на дискриминација. Тоа е молчење што ги охрабрува сторителите, ги демотивира жртвите и испраќа порака дека нечиј живот вреди помалку. Ова не е само социјален проблем – ова е правна, морална и политичка криза. Кога државата не реагира на неправда, таа станува соучесник.
Не е доволно само да зборуваме за еднаквост и интеграција. Време е институциите да почнат да дејствуваат.
Ако не реагираме денес, утре ќе стане нормално Ромите да живеат без глас, без права и без шанса. А држава која дозволува таква нееднаквост, не е држава за сите.
Дискриминацијата не се решава со молк. Таа се решава со храброст, со акција и со систем што конечно ќе покаже дека човековите права не се само декларативна формулација туку обврска. За сите.
Повеќе артикли
Живот во страв: Колку е безбедно да се биде Ром на Балканот?
Ромската фондација за Европа ги покрена безбедносните импликации од антиромскиот расизам на средба со претседателот на Романија
Ако државите немаат место за Ромите во системот, како ние Ромите треба да си го направиме местото во системот