
Корупцијата во Македонија одамна не е само проблем на лошо управување, незаконски тендери или украдени пари. Таа убива. Буквално.
Последниот трагичен пример – пожарот во Кочани, каде што 59 млади животи беа изгубени поради алчноста, некомпетентноста и бескрупулозноста на оние што со години го разградуваат системот – е само уште едно сведоштво дека оваа држава не функционира.
Во Македонија, корупцијата е системска, а не поединечен проблем. Не е доволно да се сменат само неколку корумпирани функционери – потребно е да се промени целата култура на владеење. Ако само ги замениме играчите, а правилата на играта останат исти, тогаш ништо не сме постигнале. Како кога би инсталирале нова апликација на застарен оперативен систем – нема да работи како што треба.
Секој систем има свој „процесор“ што треба да го обработува секојдневниот тек на податоци – во овој случај, судството. Но, во Македонија, правосудниот систем е толку спор и нефункционален што наместо да решава проблеми, само ги таложи. Судски предмети траат со децении, одлуките често се политички мотивирани, а граѓаните немаат доверба во правдата. Овој процесор не треба само да се „рестартира“ – треба целосно да се замени со нов, побрз и потранспарентен.
Пожарот не беше несреќа – беше убиство од негрижа
Кога се случи трагедијата, надлежните веднаш се обидоа да ја претстават како „несреќа“. Но, дали е несреќа ако истата приказна се повторува одново и одново? Дали е несреќа ако институциите не прават ништо за да спречат вакви катастрофи? Не, ова не е несреќа – ова е убиство предизвикано од корупција и негрижа.
Колку пати видовме исти сценарија? Од модуларната болница во Тетово, преку поплавите во Стајковци, до убиствата на автопатите поради лоша инфраструктура – секогаш истиот причинител: систем што не работи, затоа што оние што треба да го одржуваат се грижат само за сопствените џебови.
Додека 59 животи згаснаа, некој веќе ја трошеше провизијата. Секој денар што завршил во нечии приватни џебови, наместо во опрема, противпожарна заштита и безбедносни механизми, е директен соучесник во ова злосторство.
Но, проблемот не е само во поединци, туку во целиот систем кој овозможува вакви работи да поминуваат неказнето. И после секоја ваква трагедија, гледаме исти шаблонски реакции:
- Министрите глумат шок и жалост, иако нивните потписи стојат на документите што дозволиле ова да се случи.
- Судството, кое одамна е мртво, вели дека „истрагата е во тек“ – и тука завршува приказната.
- Нови тендери, нови украдени милиони, нови жртви во иднина.
Системот не може да се „рестартира“ – мора да се изгради одново
Нема повеќе смисла да зборуваме за „ресетирање“ на системот. Овој систем не треба да се рестартира, туку целосно да се уништи и да се изгради нов – без оние кои со години го силуваат. Не ни треба козметичка промена или нови „лидери“ кои ќе играат по истите правила. Ни треба целосна институционална и општествена (пре)инсталација.
Тоа значи:
- Судии и обвинители кои ќе бидат независни, а не политички кукли.
- Комплетно нов начин на трошење на јавните пари, каде што секој денар се следи и никој не е над законот.
- Минимален простор за корупција – систем каде што нема да биде возможно да се украдат пари од болници, пожарникарска опрема или инфраструктура.
Ако не го направиме ова сега, ќе броиме нови жртви. Корупцијата нема граници – таа гори болници, руши мостови, прави патишта што убиваат, остава народ без вода и струја, а додека не се искорени, секој граѓанин на оваа земја е потенцијална следна жртва.
Нема повеќе простор за одложување. Ако сега не ја промениме Македонија, таа ќе продолжи да ни ги убива децата.
Повеќе артикли
Фондацијата Роми за Европа обезбедува 15.000 евра хуманитарна помош за раселени семејства во квартот Захарна Фабрика во Софија
Отсуство на Ромите во Агендата за Реформи 2024-2027 во Северна Македонија: Проблем или случајност?
Ќе преживееме со вас или без вас, ние сме тука за народот!