mai 21, 2025

РОМА ЊУС МК

Не може секогаш да се согласуваме со нив, понекогаш мора да бидеме против.

Нели ни е преку нос?

Од несоединенија на нас, Ромите

Секој пат кога ќе се отвори тема за Ромите, секој има нешто да каже. Сите знаеме што ни недостига, сите знаеме каде е проблемот, но кога ќе дојде време за акција – молк. Секој гледа за себе, секој мисли дека сам може да направи промена, а резултатот е – стојиме во место.

Не ни е проблем што другите не’ делат, туку што самите се делиме!
Зарем не гледаме што се случува околу нас? Нашата заедница тоне во сиромаштија, нашите млади остануваат без образование, без работа, без иднина. И наместо да бидеме обединети и да се бориме за подобро утре, ние трошиме време во кавги, во политички препукувања, во лични интереси.

Кои се причините за оваа несоединетост?

Политички манипулации – Секој изборен циклус, нè користат како гласачка машинерија, не’ делат по партии, а кога ќе завршат изборите – нè забораваат.

Љубомора и суета – Ако некој успее, веднаш ќе се најде некој да му стави сопка, наместо да го поддржи.

Недоверба – Наместо да веруваме едни во други, секој се сомнева дека некој работи „само за себе“.

Ајде да бидеме искрени – дали навистина сакаме промени, или само сакаме да зборуваме за нив? Колку пати сме рекле „треба да направиме нешто“, а не сме мрднале со прст? Колку пати сме виделе дека некој од нашата заедница напредува, па наместо да му честитаме, сме нашле начин да го критикуваме?

Што можеме да направиме?

Да престанеме да бидеме само бројка за политичките партии. Нашиот глас вреди, но само ако го искористиме паметно.

Да се поддржуваме наместо да се рушиме. Ако некој прави нешто добро – нека добие поддршка, а не сопки.

Да се организираме како заедница. Наместо 100 мали организации што влечат на различни страни, да направиме силни и обединети иницијативи.

Да мислиме на идните генерации. Ако ние не направиме промени сега, нашите деца ќе живеат во истата борба што ја живееме ние.

Колку уште треба да чекаме?
Колку уште ќе зборуваме, без да направиме нешто?
Нели ни е преку нос?